До сега во Британија нападнати (срушени или запалени) се вкупно седум 5Г базни станици и тоа чисто по основа на теоријата на заговор дека постои поврзаност меѓу 5Г технологијата и коронавирусот, а минатата недела техничари на британските телекоми се и физички нападнати од толпа која верува дека 5Г сигналите се одговорни за глобалната пандемија. Да повториме, во Британија, не сред Амазон од племе предводено од врач кое прв пат има контакт со цивилизација.
Стандардно како и за останатиот шлајм што се шири по интернет и за ова главни платформи се Јутјуб, Фејсбук и Твитер.
За да не биде дека дремат и не прават ништо околу ширењето на вакви будалаштини, кои на крај имаат последици во реалниот свет, Јутјуб почна со прочистување и бришење на содржините во кои се шират овие теории на заговор. Притоа од Јутјуб објаснуваат дека се бришат само видеата со комбинација 5Г + коронавирус, додека останатите содржини кои шират поинакви заговори околу 5Г мрежата, нема да бидат избришани. Тоа што може да им се случи на овие вторите е да бидат блокирани од реклами и отстранети од резултатите за пребарување на платформата.
Во едно од отстранетите видеа, човек кој кажува дека е поранешен директор во британска мобилна мрежа тврди (лажно) дека тестовите за коронавирус всушност се користат за ширење на вирусот, и дека пандемијата е создадена за да се скрие бројот на смртни случаи што се последица од 5Г технологијата.
Иако ова е само една од варијациите на тема, теоријата главно има три столба: 5Г, коронавирус, вакцини + Бил Гејтс, па потоа секој по сопствен рецепт ги комбинира овие состојки. Притоа главната линија е: 5Г технологијата се користи за ширење на коронавирусот, кој ќе биде излечен со помош на вакцина што ќе содржи РФИД чипови, кои ќе бидат вметнати во човековото тело и на тој начин целото човештво ќе се следи со помош на 5Г технологии, а вакцината ја создава Бил Гејтс.
Нормално и ние имаме коњи за оваа трка.