Заради претерување со лаги Украина го отпушти омбудсманот за човекови права

Људмила Денисова, жената позната по тврдења од типот „во Буча Русите силуваа 11-годишно момче пред очите на својата мајка која беше врзана за стол и присилена да гледа“ е сменета од украинскиот парламент затоа што нејзините изјави се неосновани и повеќе и штетат на кредибилноста на Украина отколку што и помагаат.

Изјавите на Денисова беа основа за бројни текстови во најмоќните западни меинстрим медиуми, пример во Тајм, кој кон крајот на април објави:

„Украинскиот омбудсман за човекови права, Људмила Денисова изјави дека 25 тинејџерки биле чувани во подрум во Буча и групно силувани; девет од нив сега се бремени.

Стари жени пред камера зборуваат како се силувани од руски војници. Најдени се тела на деца голи врзани со нивните раце зад грбот, и со отсечени гениталии. И меѓу нив имаше момчиња и девојчиња...“

Околу изјавите на Денисова први кон крајот на мај алармираа украински и странски невладини кои се обидоа да најдат какви било докази за нејзините тврдења. Откако тоа не се случи тие јавно побараа од нејзе да објавува само случаи за кои има доволно докази и да избегнува сензационализам и вишок детали во своите извештаи.

Неполна една недела по ова, Политико и Вол стрит журнал објавија дека украинскиот парламент и изгласал недоверба на Денисова, прво заради давање изјави кои се без докази и не можат да се потврдат, второ затоа што премногу време минува во Западна Европа и затоа што не успеала да ја оствари својата должност да постави хуманитарни коридори во окупираните територии.

Пред гласањето во парламентот околу 90 новинари и 50 други професионалци потпишаа отворено писмо во кое „изразија загриженост и гнев дека Денисова била без осет кога ги соопштувала своите обвиненија за сексуални злосторства, посебно оние што вклучувале деца и малолетници“.

За отпуштањето на Денисова гласале 238 пратеници, дел од нив тврдат дека изјавите на Денисова кои не можеле да бидат потврдени со докази „само и наштетувале на Украина и го одвлекувале вниманието на глобалните медиуми од вистинските потреби на Украина.

2 јуни 2022 - 10:36