Вашингтон изгуби стотици милиони долари на нигериски измамници

Сојузната држава Вашингтон само што се свести дека во целиот хаос на пријавување невработени заради коронавирусот била жртва на софистицирана измама организирана од мрежа од Нигерија, во која од нејзе се извлечени стотици милиони долари како социјална помош.

Надлежните од државата Вашингтон објавија дека се работи за десетици илјади лажни пријави за невработени, меѓу кои имало и луѓе што не ги изгубиле своите работни места. Измамата се случила на истиот ден кога американските федерални власти објавуваат дека во изминатите 7 дена уште 2,4 милиони работници побарале помош за невработени. Тогаш вкупниот број на нови невработени порасна на 38,6 милиони лица.

Нигериската група наводно располагала со обемна база на лични податоци украдени во претходни хакерски напади, која им овозможила на напаѓачите успешно да поднесат барање за финансиска помош за невработени.

Вашингтон во обид да ги намали страдањата на своите граѓани се потрудил што е можно побрзо и со што е можно помалку препреки да ги исплаќа парите. Тие станале свесни за измамата само откако луѓе кои не поднеле барање за надомест почнале да пријавуваат дека добиле меил во кој се тврди дека им легнале пари на сметка.

Заради сето ова Вашингтон сега ги одложи исплатите на надоместокот што пак е на сметка на граѓаните кои вистински се заглавени со пари.

22 мај 2020 - 11:38