Узбекистан, ковид енд травел

Поранешната советска република ветува дека ќе му плати 3.000 долари на секој турист кој ќе дојде на одмор во земјата и не дај боже ќе се зарази со коронавирус додека е таму.

Сумата е одредена според тоа колку чини лекувањето на ковид-19 во земјата, и се толкува како симбол за тоа колку верба има владата во нивните мерки за хигиена. Соопштението доаѓа од узбекистанската амбасадорка за туризам во Британија, инаку зад него стои претседателски декрет минатата недела потпишан од претседателот Шавкат Мирзијојев.

Во 2019 Узбекистан беше прогласен за 4-ти најбрзо растечки туристички пазар во светот.

Потенцијалната исплата е врзана со неколку предуслови, од типот туристите да патуваат со локален водич сертификуван за безбедност и хигиена, и да бидат сместени во локали сертификувани од владата.

Земјата месецов ги отвори аеродромите за летови од држави со низок ризик како Кина, Јапонија, Јужна Кореја и Израел. Лицата што доаѓаат од ЕУ и Британија за сега прво ќе мора да останат 14 дена во само-изолација, пред да се стават во оптек.

Узбекистан имаше еден од најострите пристапи кон пандемијата, и уште кон средината на март земјата затвори граници и аеродроми и воведе строг карантин. До сега Узбекистан со популација од 33 милиони жители, има 84 починати од коронавирусот.

21 јули 2020 - 11:08