Што се однесува на Британија, генералот Ричард Данат проценува дека последната посета на Борис Џонсон на Украина, покажува дека Киев ќе ја добие поддршката од Британија без разлика кој ќе биде следниот премиер на земјата, и тоа е исклучително важно за нив.
„Опасноста од оваа посета е дека тој ќе им даде на Украинците поголема доза на оптимизам од тоа што реалноста го налага.
Русија нема да ја изгуби војната, но на кој начин и да погледнам за мене е прилично тешко да видам како Украина би можела да победи. Всушност, термините победа и пораз се погрешните термини за користење бидејќи во одредена фаза конфликтот ќе се врати на преговори,“ објаснува генералот.
Данат инсистира дека Русите (без разлика кој колку го бара тоа од нив) никогаш нема доброволно да ја напуштат Украина.
„А не можам да видам околности во кои Украинците некогаш ќе бидат доволно силни за да ги избркаат, а Западот, НАТО, кој и да е, нема да организираат операција како во Кувајт за да ги протераат. Па во еден момент, реалноста ќе мора да биде прифатена и да се постигне нова спогодба меѓу Украина која сега е насочена кон Запад и Русија која контролира дел од украинската територија. Мислам дека тоа ќе биде новата реалност,“ анализира Данат.
Генералот не очекува дека Западот ќе му каже на Зеленски дека треба да се соочи со реалноста, затоа што така ќе излезе дека истиот Запад што ги охрабруваше цело ова време, сега „ги продава“ Украинците. Според Данат, Зеленски и советниците ќе треба сами да сфатат, а воените команданти да ги советуваат:
„Г-дине претседател направивме колку што можеме, ама стварно не можеме да ги протераме Русите. Можеме да ги спречиме да освојуваат уште територија, ама мислам дека влегуваме во пат ситуација. Претседателе мора да почнете со преговори.“
Проблемот со ваквото сценарио е што тоа ќе им обезбеди време на Русите да се средат и да се реорганизираат и ќе биде само прашање на време кога повторно ќе тргнат да ја довршат работата. Иако ја признава веројатноста и на овој исход, Данат инсистира дека сепак нема алтернатива на преговори.