Брзањето е заради проценката дека Русија доцната есен, зимата и почетокот на пролетта ќе ги искористи за дополнително зацврстување на своите позиции на освоените територии.
Изминативе денови украинските сили имаат значителен напредок на истокот и југот од земјата, заради што Пентагон инсистира Киев да го искористи „залетот“ за дополнително да ги одврати руските сили од стратешките региони на југот со што ќе се отвори пристапот до Црното море.
„Долгорочната катастрофа за Украина е Русија да и го затвори пристапот до вода од Мариопул до Одеса. Пристапот до Одеса е од животно значење за Украина па за нив е важно да бидат офанзивно настроени на југот, не само дефанзивно,“ објаснува американскиот демократски сенатор и член на комитетот за надворешни работи, Крис Марфи.
Итноста е затоа што тлото на југот од Украина не замрзнало во изминатите три години, што значи дека тоа се до доцна пролет најверојатно ќе биде екстремно калливо. Ваквиот терен пак значи тешко маневрирање, заради што и двете страни ќе бидат присилени да ги користат главните, асфалтирани патишта, а не ниви и ливади. Како што калта им вршеше работа на Украинците кога се бранеа од руската офанзива, така таа сега е во корист на Русите кои се ставија во дефанзивни позиции.
НАТО функционери објаснуваат дека за Украинците ситуацијата на југот е посебно лоша бидејќи Русите доста се помачиле да постават посериозна одбранбена линија, „заради што на Украинците ќе им треба сериозно надмоќна сила за да влезат таму.“
Западот смета на украинската офанзива и за Киев да може да обезбеди подобра позиција во можните идни преговори со Русија.
„Очигледно на Украина и треба пристаниште на Азовско море, и треба пристаниште на Црното море, на исток од Крим, а Херсон очигледно е голем град, тие сакаат да го вратат сето тоа.
Крајната спогодба би била шест, осум месеци од сега. Путин контролира повеќе површина отколку во февруари... и тогаш ќе постигнеме примирје. Меѓутоа мислам дека Украина треба да освои уште нешто територија пред тоа да се случи,“ изјавува за Фајненшл тајмс демократскиот конгресмен, Бред Шерман.