Одамна постои сомнеж дека Катар дебело потплатил функционери на ФИФА за да биде домаќин на Светското првенство во фудбал, но апсењето на една од 14 потпретседатели на Европскиот парламент, Ева Каили, заради „корупција и перење пари“ уште сега е најголемиот скандал во историјата на институциит на Европската унија.
44-годишната Каили беше функционерка од грчката социјалистичка партија ПАСОК. Меѓу 750-те членови на Европскиот парламент, од кои повеќето се непознати и за оние кои ги избрале, Гркинката се истакнуваше со енергични, некои велат брилијантни говори, атрактивниот изглед, нагласено луксузно дотерување и фризурите.
„Беше малку чудно што тврдеше дека во Катар уредно се почитуваат работничките права, додека општ впечаток беше дека таму владеат робовладетелски услови и дека странски работници гинат заради форсирање при градбата на стадионите за Светското првенство, ама боже мој, така гледаше на тоа една убава Гркинка“, пишува Време.
Инспиративно говореше за тоа како спортската дипломатија довела до историски промени во Катар, како катарските реформи го инспирирале целиот арапски свет. Еднаш гласала за олабавување на визниот режим за Катар, иако не била дел од одборот што требало да одлучува за тоа, а подоцна е обвинета дека се „мушнала“ без прашање - откако сфатиле дека еден глас е вишок во вкупниот број гласови од социјалистичкиот табор.
Ева Каили се прослави како водителка на вести на приватната Мега ТВ. Политичката кариера ја започна во Солун, како 20-годишна студентка по архитектура, и како таква влезе во градскиот совет.
Пред десетина години, „Шпигел“ пишуваше дека младата политичарка е мета на сексистички напади. Тогаш го оспоруваше водството на тогашниот премиер и сопартиец Андреас Папандреу и бараше негова оставка. Папандреу, сред економската криза што ја погоди Грција, бараше од граѓаните да се изјаснат на референдум околу курсот за штедење. За неа таа иницијатива беше задоцнета, а нејзиното противење беше вовед во внатрепартиска побуна што заврши со негова оставка.
Кога после три децении Грција конечно ликови како Заев, Димитров и 80-те македонски пратеници кои ни го сменија името и потпишаа дека Македонци живеат само до нашата јужна граница а не и отаде неа, таа на Твитер напише дека тоа е „непоправлива историска грешка, и кон Македонија и за Грците“. Мислеше, се разбира, на северна Грција, односно нивниот дел од Македонија.
Каили е уапсена во својот дом, а нејзиниот татко се обидел да побегне со полна торба пари. Претресот во Брисел откри неколку скривалишта со огромна сума пари; досега запленети се околу 600.000 евра.
Во акцијата е уaпсен и нејзиниот сопруг, Италијанецот Франческо Џорди со кој има двегодишна ќерка. Џорди е основач на една невладина која се бори против - корупција. Класика.
Уапсен е и претставник на таа невладина, Пјер Антонио Панцери, некогашен социјалдемократски пратеник во Европскиот парламент. Според пишувањата на Политико, Панцери лобирал во Европскиот парламент во корист на Катар и Мароко.
Панцери важи за човек со силни врски во Брисел, а дел од невладината Фајт Импјунити во минатото беа видни политичари, како некогашниот премиер на Франција, Бернар Казнев, бившиот комесар на ЕУ за миграции, Димитрис Аврамопулос, поранешната европска пратеничка Сесилија Викстрем и екс-шефицата на дипломатија на ЕУ, Федерика Могерини.