Целата операција, за која некакво алиби може да е само некаква зделка меѓу САД и Русија за смирување на Путин и подарување на каква-таква победа на глобална сцена, има повеќе критика од американска страна околу пофалби.
Прво и основно е статусот што Виктор Бут го има кај американските безбедносни структури, и кого поранешниот прв човек за операции на ДЕА, Мајк Браун, го нарекува најопасниот човек на планетава.
„Тој е човекот што ги трансформираше овие млади воини (во Западна Африка) во подмолни, безумни, манијакално мотивирани машини за убивање, кои делуваа со ефикасност на фабричка лента,“ објаснува Браун посочувајќи го Бут како човекот што во 1990-те со своите пратки од 10-ци илјади Калашникови ги ескалирал војните во Западна Африка од борби со мачети во вооружени битки.
По процените на Браун во времето пред да биде уапсен, Бут има сопствена флота од над 60 товарни авиони, со кои со снајперска прецизност можел да испорача товар каде било во светот.
Размената на Бут за Грајнер ја осуди и советникот за национална безбедност во администрацијата на Трамп, Џон Болтон, според кого целата зделка не размена туку предавање на Америка. Неговиот страв е дека ваквата пракса ќе биде злоупотребена од слични непријатели на САД кои би можеле да почнат да затвораат американски граѓани на нивна територија и да бараат нивна размена за свои интереси.
Посебно разочарување околу зделката е што американската администрација не успеа од затвор да го извлече и Пол Вилан, поранешниот американски маринец, кој во 2018 беше уапсен во хотел во Москва под обвинение за шпионажа, и кој од 2020 отслужува 16 годишна затворска казна.
Во разговор за Си-ен-ен, по ослободувањето на Грајнер, тој порачува „страшно сум разочаран што не беше направено повеќе за моето ослободување, посебно што наскоро е 4-годишнината од моето апсење. Јас бев уапсен за дело кое не се случило. Не разбирам зошто се уште сум тука.“
Вилан е изненаден што го оставиле бидејќи до тогаш бил уверуван дека „работите се движат во правилна насока, и дека прилично брзо ќе се случи нешто.“
Околу оставањето на Вилан во руски затвор, висок извор во администрацијата на Бајден за Си-ен-ен изјавил „ова не е ситуација во која можевме да бираме кој Американец ќе го вратиме дома. Изборот беше меѓу да вратиме дома еден конкретен Американец - Бритни Грајнер - или никого да не вратиме.“
РТ вчера објави и видео од целата размена од руска страна: