Трамп ги предупреди граѓаните на САД да се подготват за „многу, многу болни две недели“, надополнувајќи ја својата изјава со новите бројки за смртноста од вирусот.
Гардијан пишува дека и самата два и пол часовна прес-конференција започнала со „невообичаено песимистички тон“, и Трамп прво ги презентирал бројките и предвидувањата на кои се базираат неговите претходни процени и мерки за справување со кризата.
„Сакам секој Американец да е подготвен за тешките денови што нè чекаат. Пред нас се многу тешки две недели. Ова ќе бидат многу болни, многу, многу болни две недели,“ порачал американскиот претседател.
Од вчера бројот на мртви во САД е 3.800 што го надминува официјалниот број на починати од коронавирус во Кина. За споредба во нападите на 11-ти септември загинаа околу 3.000 Американци.
Бројката од 240.000 починати од коронавирусот во САД е под услов земјата да ги задржи сегашните мерки за спречување на ширењето. Истите пресметки покажале дека без овие мерки САД може да очекуваат меѓу 1,5 и 2,2 милиони жртви.