Трамп ги укина парите за анти-Асад бунтовниците во Сирија

Американскиот претседател одлучи да стави крај на тајната програма на ЦИА за вооружување и обука на сириски бунтовници кои се борат против владата на Башар ал Асад. На ова претходеа неколку најави од Тилерсон и американските медиуми дека САД ќе остават Русија да решава за судбината на сирискиот претседател.

Програмата на ЦИА започната во 2013 беше централен дел на политиката на Обама за вршење притисок врз ал Асад за повлекување од власт. Меѓутоа откако Русија се вклучува во сирискиот конфликт во 2015, дури и поддржувачите почнаа да се сомневаат во нејзината ефикасност.

Вашингтон пост пренесува изјава на американски функционери, според кои откажувањето на тајната програма го покажува "интересот на Трамп за соработка со Русија, за која анти-Асад програмата беше напад на нејзините интереси". Дека не станува збор само за самоволие на Трамп, Пост пренесува и дека одлуката е мотивирана и од во изминатите години постојано повторуваната безизлезна позиција на Вашингтон во Сирија.

Според истите извори, Трамп ја носи одлуката пред речиси еден месец по состанокот со директорот на ЦИА, пред патувањето на Г20 самитот во Германија и средбата со рускиот претседател. По средбата во Хамбург, САД и Русија објавија договор за примирје во југо-западна Сирија, во близина на границата со Јордан, каде и оперираа бунтовниците вооружени и обучени од ЦИА.

Критиката на одлуката на Трамп е дека "ова е историска одлука и дека со ова Путин победил во Сирија".

За други оваа одлука ќе ги засили радикалите, додека умерените бунтовници ќе ги направи се повеќе и повеќе ранливи.

Некои одлуката ја толкуваат и како признание за добро утврдената позиција на Асад во Сирија.

Со крајот на ЦИА програмата, американското учество во војната во Сирија се сведува на воздушни напади против ИСИС, и тренинг кампови на Пентагон во најголем дел за курдските бунтовници кои се борат против ИСИС во Рака и долината на Еуфрат.

20 јули 2017 - 10:30