
Отоманската империја ги признаваше посебните национално-верски идентитети како Алавити, арапски православци, Друзи, Курди, Ерменци, Исмаили и шиитски Арапи. Кога Франција ја доби територијата во 1919 година, проба да ја одрази плуралноста со создавање на две посебни држави: Алавитска во северозападна Сирија и на југоисток на Друзите.
Кога се откажаа да ја контролираат Сирија во 1946 година, сунитскиот Арап, Шукри ал-Куватли, стана претседател на земјата. Тој не ги дискриминираше малцинствата, но испрати војници во Трансјордан и Египет за да го нападнат Израел во 1948 година во име на солидарноста на сунитските Арапи. Имаше големи надежи да ја освои Галилеја, бидејќи Сиријците имаа тенкови и артилерија што ги оставија Французите, додека Евреите имаа само пушки, неколку митралези и неколку прастари хаубици од 1906 година.
Но, ги чекаше понижувачки пораз, што го поттикна првиот од многуте преврати во Сирија. Следниот претседател, генерал Хусни ал Заим, владееше само 137 дена, но создаде трајни преседани: меѓу другото, не беше Арап туку Курд — прв од серијата арапски владетели не-сунити, какви нема во ниту една друга арапска земја.
Следните 21 година се сменија 17 претседатели а три од тие години беа под египетска власт. Во 1958 година, Гамал Абдел Насер, како олицетворение на арапскиот национализам, беше поканет да владее и со Сирија, во она што стана Обединета Арапска Република. Сириската елита, очајна за стабилност, едноставно се откажа од независноста.
Овој експеримент на арапското единство траеше три години и 219 дена, доволно долго сириската цивилна и воена елита да сфати дека под поголемиот но посиромашен Египет не бива.
Воен удар ја распушти Обединетата Арапска Република на 29 септември 1961 година, а уште шест претседатели се обидоа да владеат со Сирија. Стабилноста ќе дојде во ноември 1970 година кога Хафез ал-Асад ја презеде контролата со воен пуч, пред да се именува себеси за претседател следната година.
Тој беше Алавит а тие само номинално се муслимани; пијат вино и веруваат во преселба на душите. Набргу, таа заедница ги контролираше сите лостови на моќта - полиција, војска, царина...
Но, токму издигнувањето на алавитските селани во владејачката класа на крајот ќе доведе и до крах на 54-годишниот режим на таткото и синот Асад, кој конечно пропадна пред две недели. Синовите на фармерите се преселија во Дамаск и во другите сириски градови за да ги искористат нивните алавитски врски за да заземат профитабилни владини позиции или да работат во фирми поврзани со државата, и сè помалку беа подготвени да служат како војници, полицајци и шпиони за да го заштитат режимот од неговите непријатели.
Долги години ова слабеење на Алавитите беше маскирано со порастот на моќта на Иран во Сирија. На милитантните шиитски власти во Техеран им беа потребни бази во Сирија за да го изградат Хезболах во Либан и да претендираат на лидерска позиција меѓу муслиманите против Израел. Затоа решија во меѓувреме да ги толерираат еретичките Алавити.
Поддршката на Иран со години му овозможи на режимот на Асад да се одржува на власт, дури и покрај масовните протести на „Арапската пролет“ предводени од сунитското арапско мнозинство што започнаа во декември 2010 година. Револуционерната гарда обучуваше шиитски регрути од Ирак и Авганистан за да се потиснат сунитските мнозински бунтовници низ цела Сирија, истовремено потпирајќи се и на единиците на Хезболах, со поддршка од сириските авиони и руски ловци-бомбардери.
Но, Башар ал Асад не можеше да преживее крахот на Хезболах и чистата воздушна победа на Израел над Техеран. Сунитските фундаменталистички бунтовници на Хајат Тахрир ал-Шам, во минатото лесно би биле запрени од баталјон на Хезболах. Но, не овој пат. Откако иранските воздухопловни сили не се ни обидоа да се спротивстават на нападот на Израел од 26 октомври во близина на Техеран, целата кула на иранската воена моќ се покажа како блеф, а Асад побегна точно на време за да избегне сигурна смрт.
САД, Англија и Франција треба да подзастанат и да помислат на оваа комплицирана историја. Алавитите може да бидат победени, но не и Курдите на североисток, ниту пак Друзите на југоисток.
„Унитарна сириска држава без силни локални власти би била катастрофална, особено затоа што секој поголем град има своја посебна урбана култура што ја споделуваат повеќето етникуми и религии. Можеби е најдобро Сиријците да бидат оставени сами да ја обноват својата држава како што им одговара. Но, ако западните функционери интервенираат, не треба автоматски да фаворизираат унитарна и централизирана држава. Конфедерална Сирија би била многу подобра алтернатива“, оценува Едвард Лутвок.