Наспроти строгите финансиски санкции што САД му ги наметнаа на Иран, служби за спроведување на законот тврдат дека ирански субјекти поврзани со режимот продолжиле да перат пари преку берзата за криптовалути Бинанс дури и откако почна војната. Трансакции биле регистрирани и во текот на овој месец.
Откако САД и Израел ја почнаа војната, Иран го блокираше Ормускиот проток и по неколку недели почна да наплаќа патарина за танкери во криптовалути или во кинески јуани. Потоа, преку сметките отворени на Бинанс биле префрлани пари до крипто-брокерски куќи во Техеран.
Најголемата светска берза за криптовалути Бинанс уште од своето основање во 2017 година послужила како примарен портал за иранските крипто фондови.
Сметките што можеа да се отворат без лична карта ја направија берзата рај за перење пари и избегнување на санкции во нејзините рани години, објаснуваат експерти и службеници за контрола на финансирање тероризам.

Бинанс воведе задолжителна верификација во 2021 година, но локалните ирански мрежи продолжиле да ја користат берзата за да ги заобиколат финансиските санкции. Парите од продажбата на иранска нафта главно влегувале во крипто-фирмата Зедцекс, регистрирана во Лондон.
Зедцекс се претставува како „платформа за тргување со крипто-валути“, но главниот клиент им е иранската Револуционерна гарда (ИРГК), според податоци од Министерството за финансии на САД. Парите биле префрлани во дигитални паричници поврзани со ИРГК, кои оствариле околу 830 милиони долари во депозити и повлекувања во 2024 и 2025 година. Крипто-валутите потоа на иранските берзи како Nobitex можеле да се конвертираат во локални ријали или се користеле за купување оружје.

Основач на Зедцекс е Бабак Занџани, поранешен трговец со овчи кожи, кој стана еден од најбогатите луѓе во Иран и најистакнато име на американскиот список на лица под санкции поради прекршување на санкциите. Кога САД во 2012 година прв пат го ставија Занџани на црниот список, тој позираше со ролекс, луксузни автомобили и приватен авион. Санкциите му беа укинати во 2016 година како дел од тогашниот нуклеарниот договор со Техеран.
До декември минатата година, мрежата на Занџани остварила трансакции од 850 милиони долари на Бинанс, според извештаи на берзата, податоци за блокчејн, службеници што следат финансирање на тероризам и други крипто истражувачи. Тие проценуваат дека 425 милиони од трансакциите на Занџани завршиле за финансирање на иранската војска.
Во 2023 година, федералните обвинители го обвинија Бинанс дека „критично ги поткопал“ санкциите на САД врз Иран дозволувајќи трансакции во вредност од стотици милиони долари. Бинанс ја призна вината и вети дека ќе ги заостри контролите за финансиски криминал. Плати рекордна казна од 4,3 милијарди долари, а основачот Жао Чангпенг отслужи четири месеци во затвор.
Но, иранските пари наскоро се вратија на платформата. Соочени со построги санкции, институции и цивили масовно користеле крипто како заобиколен начин за префрлање пари од странство. Податоци од „ТРМ Лабс“ укажуваат дека Иранците лани оствариле над 10 милијарди долари во крипто трансакции.

Бинанс категорично отфрла одговорност дека овозможил заобиколување на санкциите. Доналд Трамп лани му ја поништи казната на Жао, издвојувајќи го како жртва на политички прогон од администрацијата на Бајден.
Помилувањето се поврзува со фактот дека Бинанс е клучен поддржувач на крипто-потфатот на семејството Трамп, World Liberty Financial, кој во 2024 година му донесе приходи од 1,2 милијарди долари на семејството на претседателот.