Со спогодбата, која беше договарана неколку седмици, Хантер Бајден требаше да ја признае вината за даночните прекршоци што ги има направено и за поседување на оружје, а за возврат да не заврши во затвор.
Кога ова стигна на суд, судијката изјави дека таа „нема да може да даде одобрение за договорот“.
Спогодбата требаше да стави крај на 5 годишната истрага што американските власти ја водат против синот на американскиот претседател за негови финансиски малверзации.
Тоа што го договорија двете страни беше дека тој ќе признае вина за неплаќање данок на време во 2017 и 2018, и дека нелегално поседувал пиштол додека бил активен наркоман. Со вака поставени обвиненија Бајден помладиот куртулува лежење затвор и добива помали казни.
На 3-часовното сослушување, судијката Марилин Нореика поставила прашања дали спогодбата ќе му даде имунитет на Хантер и од гонење за случи кои ќе бидат откриени во иднина. Ова се однесува на постојните истраги што се уште се водат против Хантер.
Судијката, која Би-би-си забележува дека е именувана за време на мандатот на Трамп, смета и дека спогодбата содржела „не-стандардни термини“ а предлогот решение за поседувањето на оружје било „невообичаено“.
Сега адвокатите на Бајден имаат 14 дена за да постигнат нов договор со обвинителството.