Доколку бидат формирани, вселенските сили ќе бидат прва нова гранка на американската војска од 1947, кога авијацијата станува нов одделен род.
Токму авијацијата моментално ја врши секоја работа што би можела да биде поврзана со вселенските сили. Во 1982 Американците ја формираат Вселенската команда на авијацијата, чија првична задача е надзор на системот за предупредување од интерконтинентални ракети. Со тек на време овластувањата на службата се шират на мрежи за разузнавање, управување на електромагнетниот спектар, и мониторирање и заштита на сателитската комуникација и ГПС мрежата.
Заради ова е и прилично нормално што авијацијата не е нешто посебно возбудена што со воспоставувањето на новиот род ќе и двојат цел еден дел од нејзината стандардна дејност. За планот на Белата куќа, секретарот за авијација порача дека ова само ќе ја направи покомплексна и онака комплицираната работа на Пентагон.
Вон границите на американската бирократија и држава, ваквите сили би значеле и создавање непотребни вселенски драми во односите меѓу САД и останатите држави на планетава околу согласноста за невооружување на вселената, која се базира на меѓународниот договор за вселената од 1967 кој забранува поставување на оружја за масовно уништување во орбитата на Земјата.
Во позадина на целиот план не е фасцинацијата на Трамп со градење на сопствена флота вселенски воени бродови, туку потенцијалот за вадење руда што го носат астероидите. Секретарот за трговија на САД, Вилбур Рос, доаѓа на позицијата како богаташ кој парите ги има направено со рудници. Освен инсистирањето на вселенски сили, на неодамнешен коктел во чест на катарскиот амбасадор, Рос изјавил дека е воодушевен од замислата „дека човекот на месечината во скоро време ќе служи како вработен на бензинска.“ Тој предвидел и сериозен раст во рударењето на астероиди, што според него е многу различно од копањето руда на Земјата. Главната разлика е во тоа што вредните минерали како злато, сребро, платина и ретки минерали се директно на површината на астероидот.
„Некој само треба да ги собере. Ама треба да бидеш таму,“ порачал Рос.