Севернокорејски војници им даваат поддршка на Русите на фронтот, а некои од нив веќе се убиени и повредени, тврдат Јужна Кореја и Украина. Според украинско разузнавање веќе има неколку илјади војници од Северот кои се на обука во Русија и кои би можеле да стигнат на фронтот до крајот на годинава.
Од Киев признаваат дека до сега немаат видено севернокорејски војници на фронтот, а Москва ги отфрла тврдењата како лажни.
Муабетите почнаа откако Ким и Путин летово потпишаа пакт за „меѓусебна одбрана“, во кој Ким вети „целосна поддршка“ за Русија во војната.
На пактот му претходеше поддршката што Пјонгјанг и ја даде на Москва со муниција и оружје во милиони примероци. Пјонгјанг до сега беше прозиван како главен надворешен извор на артилериската муниција која Русија на фронтот ја троши по десетици илјади парчиња на ден.
Киев претходно тврдеше дека Пјонгјанг испратил воени офицери во Украина за да следат како се користи и троши севернокорејската муниција на фронтот, и наводно веќе имало и загинати меѓу нив.
Украинските извори кои тврдат дека Русите обучуваат севернокорејски војници, признаваат дека не знаат тие каде ќе бидат распоредени, дали на фронтот или на руската граница, но дека тоа во секој случај ќе ослободи руски трупи да делуваат на други делови од фронтот или дома.
Во 2022 Русија и Северна Кореја разговараа за можноста да се испратат севернокорејски работници и градежници за работа на обновувањето на окупираните украински територии. И пред војната Пјонгјанг испраќаше работници во Русија, главно градежници и дрвосечачи, што беше еден од ретките извори на странски пари за земјата.
Иако вакви излети за Северна Кореја се ретки, се знае дека претходно во 2016 година таа испрати војници и стручни лица за помош на Дамаск во управување со хемиски и ракетни фабрики низ Сирија.