Киев пост пренесува изјави на украински војници според кои единиците на фронтот се соочуваат со слаб морал заради константно акумулирање загуби, надополнето со повремено слабата поддршка и бавното напредување.
На војниците не им е по мерак ни стратегијата избрана од раководството на армијата, од која стравуваат дека на крај ќе загинат.
„Ситуацијата е многу тешка. Русите имаа премногу време за да се подготват за насекаде разгласуваната украинска контраофанзива. Ним им беше јасно дека еден од правците на напад, ако не и главен, ќе биде Запорожје.
И тие се подготвија многу добро... секој квадратен инч е миниран. Поставени се мини на пристапот до нивните позиции и после ги активираат кога ќе се повлечат.
Никој не очекуваше дека цел терен ќе биде миниран, па сега кршиме глава со мински полиња, движејќи се со брзина на полжав,“ изјавил за Киев пост неименуван воен доктор кој моментално е на фронтот како дел од украинската армија.
Според докторот, неговите соборци се уште се волни да тргнат во напад, меѓутоа соодносот на освоена територија и загинати соборци бил многу деморализирачки, сумирајќи „за еден месец имаме освоено еден и пол километар“.
Мајор на украинската војска со долг стаж и искуство на фронтот, објаснува дека недостатокот на каква било авијација, ограничени залихи на артилериски гранати и желба да имаат што е можно помалку загинати, „ги ограничува украинските команданти на многу мал број тактички опции освен лансирање на брзи напади против добро вкопаните руски позиции и прифаќање на бројот на жртви.“ Според него и руските сили претрпуваат големи жртви во обид да ја спречат украинската армија, и дека со континуираните напади успеале да ги десеткуваат руските редови.
За војник кој се бори во близина на Доњецк успесите на армијата на Украина доаѓаат само со голема болка. Тој раскажува како неговата единица успеала да освои серија руски ровови за по кратко време да ги изгуби, затоа што на подготовките за контраофанзивата вежбале само освојување, но не и одбрана од противнапади.
„Во моментот кога почнува нападот, руската артилерија почнува да работи врз нас со сè што има и ги гранатираат нашите позиции од почеток до крај. Секои 100 метри освоена земја значи 4 или 5 загинати војници, во просек.
Се додека сме на нашите позиции и ги држиме можеме да кажеме дека нема загуби; можеби по некоја лесна повреда. Во моментот кога ќе тргнеме напред, има значително загуби. До половина единица за секој километар што ќе го освоиме, и не е гарантирано дека подоцна ќе го задржиме овој километар,“ објаснил војникот.
Од негово гледиште тие се против војска која е добро вкопана, која има доминантна авијација и чија артилерија може да стрела на кое било утврдување што Украинците ќе успеат да го освојат.
Освен од министерството за одбрана, Киев пост добил оптимистички одговори само од припадниците на 3-та јуришна бригада (главно екс-Азовци), кои се фалат дека нивните напади околу Бахмут постојано се успешни, и дека константно ја подобруваат координацијата меѓу пешадијата, тенковите, дроновите и артилеријата. И дека информациите за нивен напредок во секторот Бахмут се точни.