Шпанската полиција се уште го нема јавно соопштено идентитетот на убиениот, меѓутоа смртта на Кузминов е потврдена од украинското разузнавање.
„Ја потврдуваме неговата смрт... тој реши да се пресели во Шпанија наместо да остане тука.
Она што го знаеме е дека тој ја поканил својата бивша сопруга на гости во Шпанија и потоа бил најден застрелан,“ ја пренесува Украинскаја правда изјавата на портпаролот на украинското разузнавање.
Шпанските медиуми објавуваат дека телото на Кузминов е најдено во близина на зграда во градот Виљахојоса на источниот брег на Шпанија заедно со лични документи кои одговарале на неговата националност но со друго име. Наводно во близина на убиството е најден и запален автомобил кој бил искористен од напаѓачите.
Минатата година Кузминов ја контактира украинската тајна служба и ги информира дека има намера да дезертира. На 9 август тој со Ми-8 хеликоптер ја прелетува украинската граница и слетува во источна Украина.
Другите двајца членови на екипажот немаат поим за планот на Кузминов и се застрелани кога почнуваат да бегаат назад кон Русија.
Кузминов предавството го прави затоа што бил против руската војна во Украина, и затоа што Украина му ветила 500.000 долари, нови документи и заштита за семејството. Украинските власти изјавија дека тие му понудиле престој и заштита на Кузминов во Украина, но тој инсистирал да замине.
До сега нема никаков официјален коментар од руската страна. Пред неколку месеци руската државна телевизија објави разговор со руски разузнавачки офицер кој порачува „мислам дека тој нема да живее доволно долго за да му биде судено.“