Порачувајќи дека новите републики од Донбас побарале помош од Русија во справување со украинската армија, Путин изјавил дека се одлучи да започне специјална воена операција со цел заштита на луѓето „кои 8 години страдаат под геноцидот од страна на киевскиот режим“, заради што ќе се стремат кон „демилитаризација и денацификација на Украина.
Една од работите што ја нагласи е дека планот не опфаќа „окупација на украински територии“.
Во говорот кој почна во 05:55 часот по московско време тој ги повика украинските војници да го остават оружјето и да заминат дома. Дополнувајќи дека целата одговорност за можното крвопролевање ќе биде на совеста на украинскиот режим.
Отприлика истото беше кажано и од рускиот амбасадор во Обединетите нации:
Буквално неколку минути по говорот на Путин беа пријавени серија ракетни напади во Харков, Краматорск, Мариупол, Одеса и Киев. Наводно нападите не се на општи места, туку се прецизно таргетирани. Пример во Киев е ракетиран аеродромот Бориспил каде беше сместено оружјето што Украина го добиваше од НАТО.
Нападот на Украина се случува од повеќе страни, вклучително источните региони на Донбас, од север од Белорусија и од југ од Црното море.
Мат Бредли, новинарот на Ен-би-си во Украина, пренесува изјава советникот на украинското министерство за внатрешни работи, според кој руски војници веќе се истовариле во Одеса и ја минуваат границата кон Харков.
Си-ен-ен објави дека во Украина влегуваат руски тенкови и од белоруска страна. Во исто време Лукашенко изјави дека белоруските сили не учествуваат во специјалната операција.
На ретка снимка на аеродромот во Ивано-Франковск беше фатен руски проектил неколку моменти пред да го погоди аеродромот.
Лансирањето на ракетите од руска страна изгледа вака:
Информациите од ДНР и ЛНР се дека нивните сили благодарејќи на ракетирањето успеале да освојат неколку села и градови за кои изминативе години или се бореа или беа заземени од украинската војска. Каналот Известија објавува видео од борците на ЛНР во борбите околу градот Шчастија.
По непотврдени информации од видеа и сведоштва од очевдици, наводно руските сили веќе влегле во Харков еден од пограничните градови на северот од Украина.
Руските медиуми извадија слики од борци на специјалниот чеченски баталјон на Кадиров, кои според нив се направени во шумите во близина на Киев. За сега нема објаснување како тие стигнале до таму.
Подоцна во текот на денот на средба со руските бизнис претставници, Путин објаснува дека воената операција била неизбежна да се случи, бидејќи Русија немала друг избор:
Нас нè принудија на сè што се случува. Едноставно оставени сме без можност поинаку да постапиме.
Се случија такви безбедносни ризици за Русија што ние повеќе немавме шанса поинаку да реагираме.
Се појавија и видеа од руското ракетирање и уништување на воените депоа во Одеса:
На руските социјални мрежи се појавија видеа од десетици руски хеликоптери над Гостомел и Вишгород, едниот на 25 другиот на 15 километри воздушна линија од центарот на Киев.
Околу 16 часот по киевско време Си-ен-ен во живо го пренесуваше заземањето на аеродромот Антонов во Гостомел од руските падобранци. Аеродромот треба да послужи за префрлање на руска војска во близина на главниот град на Украина.
По борбите околу градот Херсон во близина на границата со Крим, руската војска го освои и Северно-кримскиот канал кој за прв пат по 8 години од отцепувањето на Крим беше пуштен во употреба. Пред 2014, каналот беше главниот извор на не-солена вода за наводнување на земјоделските површини. По отцепувањето Украинците ја секнаа водата по основа на неплатени сметки од страна на Крим.
Мапа на локации во Украина, наводно воена инфраструктура, која беше ракетирана утрово.
За прв пат од 2014, цената на суровата нафта ја надмина границата од 103 долари за барел. Утрово цената на природен гас на берза во Европа скокна за 41% и изнесува 1.400 долари. До сега еврото достигна цена 127,63 рубљи за едно евро, а доларот 99,81 рубља за 1 долари.
Украинската војска тврди дека соборила 5 руски авиони и хеликоптер. Во исто време, украинските власти потврдуваат дека е уништено седиштето на Украинската национална гарда. Подоцна украинската војска соопшти дека до сега загинале 50 руски војници.
Украинскиот министер за одбрана објави дека се воведува тотална одбрана на земјата, и ги повика сите Украинци што можат да држат оружје да се приклучат на Територијалната одбрана и таму да побараат оружје, „ви треба само пасош“.
Над Украина и југот на Русија комплетно се забранети сите цивилни летови.
Во меѓувреме Зеленски објави воена состојба на целата територија на Украина, а пред бензиските станици во Киев веќе се направија огромни колони.
Сообраќајот во Киев речиси е блокиран во еден правец како што граѓаните се обидуваат да го напуштат градот во страв од дополнителни воени дејствија.
Ројтерс утрово објави изјава на советник на украинскиот претседател, дека „ситуацијата е под контрола и нема да има блицкриг“.
Во текот на денот Зеленски објави дека Украина ги прекинува дипломатските односи со Москва откако Русија „подло“ ја нападнала неговата држава како „нацистичка Германија во Втората светска војна“. Вчера целиот персонал на руската амбасада во Киев си замина од Украина.
„Од денес ние сме на различните страни на светската историја,“ пишува Зеленски на Твитер.
И украинскиот претседател го повторил апелот на министерот за одбрана и ги повикал сите Украинци кои можат да земат оружје и да ја бранат земјата.
Вашингтон пост пишува дека високи украински функционери побараа „многу конкретна“ воена помош од Западот.
Во разговор со Фокс њуз, украинскиот парламентарец Алексеј Гончаренко утрово потсети дека во 1994 Украина стана единствената држава на светот која доброволно се откажала од своето нуклеарно оружје во замена за гаранции од САД, Британија и Русија, дека нема да биде нападната.
„Каде се сега овие гаранции?
Сега нè бомбардираат и убиваат,“ порачал Гончаренко.
Би-би-си известува дека во близина на седиштето на украинското разунавање во Киев има голем пожар, а во исто време на социјалните мрежи се појавија видеа во кои се тврди дека украинските разузнавачи горат документи.
Уште пред обраќањето на Путин, Генералниот секретар на О.Н. го повика рускиот претседател да ја повлече војската и да спаси неброени човечки животи.
Утрово, министрите за надворешни работи на балтичките држави повикаа на построги санкции и Русија што поскоро да биде исклучена од СВИФТ системот за наплата. Ројтерс попладнево објави дека е малку веројатно дека Русија ќе биде исклучена од СВИФТ.
Европа, Британија и САД најавија дека во текот на денот ќе ги објават своите санкции против Русија кои сега се опишуваат како „масовни“ и „најсурови“ што Русија некогаш ги видела.