25-милиметарскиот автомат има „неприфатлива“ прецизност кога гаѓа мети што се на тло, а згора на тоа поставен е во куќиште што пука, покажале тестовите на Пентагон. Маната е наведена во извештајот од годишната проценка спроведена од првиот човек на Пентагон за оперативни тестови и проценка, која беше спроведена пред започнување на Блок 4 фазата вредна 22 милијарди долари.
Освен тоа што оружјето не им гаѓа кај што треба, истрагата открила и 873 софтверски недостатоци и проблеми (што е напредок, бидејќи во септември 2018 беа 917), и уште 13 проблеми од категорија 1 што значи дека „мора да се поправат“ (на минатиот беа 15).
Плус, пронајдени се пропусти во сајбер-безбедноста кои беа идентификувани во минатите извештаи а уште не се разрешени.
Вака поразувачките резултати од година во година ни најмалку не го пишманат американскиот Конгрес кој во 2016 и 2017 нарача по 11 дополнителни Ф-35, во 2018 плус 20, во 2019 уште 15 и годинава уште 20 нови.
До крајот на септември Локхид Мартин имаше испорачано 490 Ф-35 авиони, во зависност од моделот и за кого е (авијација, морнарица...), еден авион чини меѓу 80 и 110 милиони долари.
До сега на програмата за развивање на Ф-35 вложени се 428 милијарди долари.