Тоа што станува јасно е дека Русија има потешкотии во борбата против Украинците „на начини на кои најголемиот дел од луѓето не ги очекуваа.“ Заради ова Русија и почна да се однесува далеку посурово кон Украинците од првите денови на војната, па сега руската војска е фокусирана на уништување на електричната мрежа на земјата.
„Мислам дека Русите сакаат да ја победат војната, а за да победиш во војна секогаш бараш начин за да ја ескалираш војната, за да добиеш предност во однос на другата страна,“ одговара Мершајмер на прашањето „Зошто Русите се станати толку брутални“.
Процената на Мершајмер е дека за Русите победа ќе биде „да ги освојат и контролираат четирите области што ги анектираа, и да се осигурат дека Украина ќе остане независна без никаква поврзаност со НАТО ни формална ни неформална.“
Професорот останува на своите ставови од почетокот на војната, дека Русија била испровоцирана од Западот и влегува во Украина за да се заштити од НАТО, а не затоа што во кој било момент била заинтересирана за освојување на цела Украина и нејзино приклучување кон Русија.
Самото запирање на руската офанзива е успех на Украинците, а Мершајмер проценува дека ако не се случило тоа Путин најверојатно имал намера да стигне до Одеса и „инкорпорирање на цела Украина покрај Црното море во своите граници,“ но не и подалеку од тоа.
Мершајмер повторува дека е погрешна американската позиција дека Путин е империјалист заинтересиран за Украина како дел од Голема Русија.
„Не мислам дека тој има империјални амбиции, тоа што го мотивира него е стравот дека Украина ќе стане дел од НАТО,“ објаснува Мершајмер.
Оваа позиција Мершајмер ја брани со фактот дека има нула докази дека Путин некогаш изјавил империјални амбиции, а во исто време има изобилие на докази дека проширувањето на НАТО и општата политика на претворање на Украина во бедем на Западот го натерала за започнување на нападот од 24 февруари.
Како автор на „Why Leaders Lie: The Truth about Lying in International Politics“ Мершајмер смета дека Путин не лаже околу своите намери:
„Пред се, лидерите не се лажат еден со друг многу често. Едно од главните откритија во мојата книга е дека лидерите често пати ја лажат својата домашна публика отколку меѓународната јавност, или другите странски лидери.
Идејата дека Путин ја развил оваа масовна измама каде константно лаже за причините за почнување на војната би била без преседан во историјата. Едноставно нема друг ни приближен пример на кој било лидер кој константно лаже за да ја измами другата страна.“
Околу потенцијалната нуклеарна ескалација, професорот објаснува дека не е исклучена опцијата Русија да искористи нуклеарно оружје на фронтот доколку се почуствува многу потисната од украинскиот фронт, како и тоа дека во таква ситуација САД не би ескалирале и да возвратат на Русија со нуклеарно оружје.