Октоберфест од сега најави дека ќе забрани една песна

На најголемиот фестивал на пиво во Германија нема да може да биде пуштана една италијанска техно нумера која недолжно стана мета на отстрел само затоа што претходно одлично легна на еден се попопуларен слоган меѓу Германците.

Се работи за „L’amour Toujours“ на италијанскиот диџеј Џиџи Д'Агостино која беше хит во 2001. Дваесет и кусур години подоцна песната воскресна во Германија откако есеноска локалците на ритамот го накалемија слоганот „Германија на Германците. Странци надвор!“.

Германија деновиве се уште е во шок откако во јавноста се појави видеото од една неодамнешна викенд пијанка на Силт, еден од најелитните острови во земјата, на која тамошната младина го извикуваше спорниот слоган.

Деновиве се огласија и организаторите на минхенски Октоберфест, кои порачаа:

„Сакаме да ја забраниме и ќе ја забраниме. На Октоберфест нема место за такви десничарски глупости.“

Сличен потег најавија и организаторите на повеќе други големи настани кои во иднина треба да се случуваат во Германија.

Во меѓувреме се очекува дека против петмина присутни на забавата во Силт ќе биде поднесено обвинение, а ќе тужи и сопственикот на клубот кој тврди дека по видеото претрпел економска штета.


Не дека Германците немаат други песни за со пиво:

 

29 мај 2024 - 10:59