Минатиот викенд во регионот Тула на 240 километри од Москва, 4 вооружени лица упаднале во домот на Гегам Саргсиан, кој бил во дневната соба со сопругата, ќерката, снаата и четири деца.
"Тие веднаш се нафрлија на нас и почнаа да го удираат бебето. 7-месечно бебе. Му ставија пиштол на слепоочницата. Почнаа да ги удираат и другите деца, 7-годишно девојче и две 3-годишни момчиња... Ужасно беше," изјавила снаата на Саргсиан за руската телевизија Канал 1.
Еден од напаѓачите имал марама преку лицето додека останатите не се ни обиделе да се сокријат, што според руските медиуми значи дека тие не планирале никого да остават жив.
"Тие бараа повеќе пари. Имаа ножеви и пиштоли... ми го ставија пиштолот во уста," изјавил Саргсиан.
Тој некако успеал да им избега на напаѓачите и со трчање отишол во кујната, каде земал нож.
"Еден од напаѓачите ме бркаше во кујната. Него го прободев во стомак. Вториот го прободев во глава, но најважно беше да го совладам тој со пиштолот, другото беше лесно," објаснува рускиот бизнисмен.
Инаку, Саргсиан е поранешен војник во руската армија и долгогодишен ловец.
Против Саргсиан е отворена кривична постапка "за убиство на двајца или повеќе луѓе." Иако неговите постапки биле во одбрана, сепак обвинителството смета дека тие биле прекумерни. Во одбрана на Саргсиан веќе е организирана и он-лајн петиција до рускиот претседател под слоганот "Самоодбраната е херојско дело а не криминал."