Нобел размислува за добротворни прилози

Минатата година Нобеловата фондација одлучи да почне да користи хеџ фондови за дополнување на својот капитал. Откако ова не успеа, сега почнаа да планираат собирање на донации.

Во 2012-та Фондацијата ги намали паричните награди за 20% со цел да го зачува својот капитал. Од тогаш, лауреатите во секоја категорија добиваат по 1,23 милиони долари. Сега извршниот директор на Фондацијата сака повторно да ја крене сумата за да го врати статусот на наградата.

Намалувањето на премијата во 2012-та беше прв ваков случај од 1949-та. Фондацијата имаше проблеми во изминатата деценија, откако трошоците беа поголеми од приходите. На сето ова се надоврза и економската криза.

На крајот од 2012-та Фондацијата имаше инвестиции од 354 милиони евра. Од вкупните пари со кои што работи Фондацијата 94% се од парите што на времето ги оставил Алфред Нобел.

За годинава планот на Фондацијата е да се намалат трошоците за 20%, а дури за во иднина ќе се размислува за опцијата за донирање. Меѓу другите опции се правење повеќе пари од брендот, меѓу кои главна идеја е отворање на Нобел музеи надвор од Шведска и Норвешка.

Во 1895-та, една година пред својата смрт, Алфред Нобел во тестаментот бара најголемиот дел од неговиот имот односно 31 милион круни (околу 1,7 милијарди во денешни пари) да бидат претворени во фонд и да бидат инвестирани во сигурни хартии од вредност. По завршувањето на Втората светска војна, со помош на шведската влада, фондацијата ја менува својата стратегија и парите ги инвестира во обврзници, кредитирање, недвижности и најразлични видови на акции.

17 октомври 2013 - 16:10