Доколку се покаже дека ова е напад на истата група која ги организираше нападите во Париз, а се случува неполни 5 дена по апсењето на еден од учесниците во париските напади, ова ќе биде историска пресвртница, бидејќи како што објаснува норвешкиот експерт Томас Хегхамер "во минатото, на никој не му успеало два пати да нападне."
Висок американски функционер порачува дека Белгијците "допрва треба да се издигнат на ниво соодветно на ризикот со кој се соочуваат."
Заеднички впечаток за функционерите е дека Брисел, а посебно населбата Моленбек која се наоѓа на неколку километри од нападната метростаница, "е експлозивен микс од добро подготвени странски војници обучени од ИСИС и локалци со симпатии кон нив кои се непознати за властите но подготвени да помогнат во нападите."
Шокираноста од нападите се должи и на тоа што во петочното апсење на Салах Абдеслам властите откриваат огромно количество оружје, и се свесни, а заменик премиерот тоа и го изјавува, дека тој подготвувал нови сериозни напади.
"Тој бил спремен да почне нешто ново во Брисел. Освен што најдовме огромно количество оружје, откривме и дека тој во Брисел оформил нова група околу себе," изјави заменик премиерот Дидие Рејндерс.
Од американска страна, поранешниот припадник на ФБИ и член на армискиот анти-терористички оддел, Клинт Ватс, објаснува дека белгиските власти требало да бидат далеку по подготвени за вторничките напади.
"Тоа дека можеле со месеци да седат, и тоа не каде било во Белгија туку во Брисел и посебно во Моленбек, и да организираат вакви напади само четири дена по апсењето на така важен осомничен - за мене е шокантно бидејќи тие (властите) требало да бидат на највисоко ниво на тревога.
Тешко е да се сфати дека може да се случи нешто од вака голем размер кога е толку очигледно дека тие луѓе нешто подготвувале. По апсењето на Абдеслам, би морал да претпоставиш дека секој член на таа мрежа се подготвувал да употреби се што има на располагање," објаснува Ватс.
;
Сличен коментар доаѓа и од поранешниот висок американски функционер за анти-тероризам, Френк Килуфо, за кого Брисел сега е "епицентарот" на џихадизмот во Европа.
"Фактот дека Абдеслам можел толку време да ги избегнува властите го демонстрира високото ниво на поддршка што неговата мрежа ја има во заедницата," објаснува Килуфо.
За Норвежанецот Хегхамер, најзагрижувачко околу нападите е што локалните власти веќе биле на ниво на полна подготвеност.
"Ова се случува додека властите се под висока тревога и интензивен лов на осомничени. Можеме да кажеме дека тие дадоа се' во истрагата и сепак ова се случи," објаснува Хегхамер.