На Русија ѝ тргна во Украина

Откако речиси две години на фронтот двете страни главно напредуваат во педи, во октомври годинава Русија освојува најголема територија уште од летото 2022, откако украинските линии почнуваат да пукаат под константниот притисок, пишува Њујорк тајмс.

Изминатиов месец руските сили освојуваат над 415 квадратни километри територија во регионот Донбас, кој е главниот фронт денес. Во оваа површина влегуваат и стратешки клучни градови како Вуледар, а за некое време, и Селидове.

Овој напредок, еден од најбрзите во војната, им овозможи на Русите да ги обезбедат своите крила, пред да го започнат нападот на градот Покровск, кој со својата железничка и патна инфраструктура е клучната логистичка точка за снабдување на украинските сили во Донбас.

„Меѓутоа неподвижноста што ја дефинираше 2023, ги постави основите за скорешниот руски напредок. Колку и да се маргинални придобивките, руските напади постепено ја слабеат украинската армија до точка во која нејзините сили се толку истенчени што повеќе не можат да држат некои од позициите,“ пренесува Тајмс изјави на дел од украинските војници и аналитичари.

Половина од целиот напредок што Русите го имаат годинава е направен во изминативе 3 месеци.

Кога во август Русите по неколку победи тргнаа директно на Покровск, таму налетаа на неколку линии украинска одбрана а Киев испрати дополнително засилување. Наместо да продолжат со директни напади на Покровск, Русите се обидоа да го заобиколат од југ, стегајќи го кругот околу Селидове, а подолу на југ успеаа да го освојат и Вуледар, откако речиси целосно го обиколија.

Процената на Тајмс е дека Селидове најверојатно ќе падне до крајот на неделава, а во исто време Русите напредуваат кон Курахове, на југ од Селидове, од три правци.

Дел од експертите успехот на Русите го припишуваат на употребата на лизгачки бомби, кои ги уништуваат утврдените украински позиции, надополнето со недостаток на утврдени позиции во областа во која се одвиваат борбите.

Кога влегуваат во Вуледар, руските сили наидуваат на главно отворен терен со ретки и недоволно утврдени украински одбранбени линии, и тоа во урбана средина во која украинските сили можеле да постават далеку поцврста одбрана. Само изминатава недела, Русите освојуваат речиси 10 километри на северот од Вуледар.

Упорноста на Русите се исплати и во Часив Јар кој според британското разузнавање, по месеци борби е на пат целосно да падне под руска окупација.

Руските сили на неколку позиции на фронтот успешно ја искористуваат и тактиката со закана од обиколување, со што ги присилуваат украинските сили да се повлечат.

Работите се само дополнително влошени од одлуката на Украина искусните војници да ги искористи за инвазијата на Русија и освојувањето на регионот Курск. Нивните места на фронтот беа пополнети од помалку искусни единици кои не можат да го спречат руското напредување.

„Севкупната слика што сега ја имаме за украинските сили е: слаби резерви, премногу квалитетни единици заглавени во Курск, а Русија има доволно сили на располагање за да ги искористи слабостите во украинските редови,“ пренесува Њујорк тајмс изјава на воени експерти.

1 ноември 2024 - 10:51