Причина за ова е последната одлука на Врховниот суд на САД околу абортусот, која не реши ништо до крај. По оваа одлука, Тексас и понатаму има право да ги гони сите што помагаат при абортус, вклучително и ако однесеш жена до болница, но во исто време клиниките за абортус во Тексас имаат право да ги оспоруваат новите закони кои забрануваат абортуси.
„Клучна компонента од женските права и автономија на телото е грабната пред наши очи,“ пишува во текстот за Њујорк тајмс Чарлс М. Блоу.
По носењето на одлуката една од врховните судијки, Соња Сотомајор, изјави дека во одлуката „одекнува филозофијата на Џон Калхун, бранител на правото на робови на Југот, кој инсистираше дека сојузните држави имаат право на ’вето’ и ’поништување’ на кој било закон со кој не се согласуваат“.
Во 1837 Калхун во Сенатот на САД држи говор во кој порачува дека робовладетелството „израсна заедно со нашето општество и институции и е толку преплетено со нив што неговото уништување би било уништување на нас како луѓе.“
Иако Калхун умира 11 години пред да почне граѓанската војна во САД, тој со неговите ставови за правата на сојузните држави се смета за „таткото на отцепувањето и човекот кој ја започна Граѓанската војна во САД“.
Ставот на Калхун е дека сојузната држава го има правото за „контрола и репресирање на црните тела како што сметаат дека е неопходно, без разлика на која било спротивна одлука на федерално ниво.“ Според него државите сами треба да можат да решаваат дали сакаат или не сакаат робовладетелството.
Блоу иако признава дека и денес луѓе гинат заради судирот меѓу двете страни на дебатата, главната Граѓанска војна тој очекува да се води по судови, законодавни домови сојузни и федерални, и гласачки кутии.
На едната страна на оваа војна тој го става „белиот расистички патријархат“ а наспроти нив се „другите“: црнци, имигранти, муслимани, Евреи, ЛГБТ, и жени „посебно либералните“.
„Уставот прилично молчелив за доста работи откако беше напишан во 1787, а последен пат тој беше надополнет пред речиси 30 години, во 1992, кога беше ратификуван 27-от амандман. Кога Конгресот прв пат го одобри овој амандман? Во 1789! Тоа што тој по изгласувањето не беше ратификуван од доволно сојузни држави, го остави да чека 200 години,“ пишува Блоу.