Дел од запленетото оружје и опрема се веднаш подготвени за користење, други се праќаат во позадина на поправка пред да бидат вратени на фронт. Оружјето, опремата и механизацијата што се премногу оштетени се раскопуваат за резервни делови.
„Најважно од сè, Русија зад себе остави огромни количества на стандардна советска артилериска муниција кои Украина речиси целосно ги имаше истрошено,“ пишува Јарослав Трофимов во текстот за Вол стрит журнал.
Руските залихи сериозно го помогнаа украинскиот јуриш во кој Киев само на северот и истокот врати речиси 10.000 квадратни километри од својата територија.
Само еден украински баталјон, Карпатски Сич, кога влегува во Изјум запленува 10 модерни Т-80 тенкови и 5 самоодни 152-милиметарски хаубици. Командантот на украинската артилерија на фронтот кај Харков изјавува дека пред некое време заробиле четири руски самоодни 152-милиметарски хаубици, порачувајќи дека Русите веќе немаат предност во оружје бидејќи им ја уништиле целата артилерија пред да тргнат во офанзива.
„Комбинирано со оружјето запленето при руското повлекување од Киев и останатите делови од северна Украина во април, неодамна запленетото оружје ја прави Москва неспоредливо најголем снабдувач на Украина со тешко вооружување, далеку повеќе од САД или останатите сојузница заедно,“ пресметува Трофимов.
Бројките што аналитичарите од Орикс ги собираат од социјални мрежи и новински извештаи, покажуваат дека Украинците до сега имаат запленето 460 руски тенкови, 92 самоодни хаубици, 448 пешадиски борбени возила, 195 оклопни воени возила и 44 повеќеракетни системи.
Украинската страна иако задоволна од бројките, не е и премногу воодушевена бидејќи не целата опрема е најнова, објаснувајќи „она што го заробуваме е мешавина од модерна опрема која можеме да ја користиме прилично ефикасно и опрема која припаѓа во музеј.“
Орикс води ист есап и за руската страна, која според нив до сега има запленето 109 украински тенкови, 15 самоодни хаубици и 63 пешадиски борбени возила.
За споредба, пример кај тенкови, на овие 460 заробени, Украина од Полска има добиено 230 Т-72 тенкови и уште десетина од Чешка и од неколку источно европски држави.
Системот за запленето оружје што го има разработено украинската армија предвидува лесното оружје и муниција за него да остане кај единиците што го заробиле, додека тешката артилерија и тенкови влегуваат во воената логистика и се прераспределува од страна на командата кај единиците на кои им се најпотребни.