Како дел од работата, кампањата на Мајкл Блумберг ангажирала компанија за телефонско контактирање на гласачите. Вчера Интерсепт објави дека компанијата што ја ангажирал Блумберг за оваа работа користи затвореници од Оклахома.
Самиот Блумберг призна дека затворениците работеле за неговата кампања, дополнувајќи дека за целата работа дознал од медиумите, бидејќи компанијата била ангажирана преку трето колено (подизведувач, на подизведувач, на подизведувач) и објави дека веднаш се прекинува соработката со нив.
Компанијата, ПроКом, има најмалку два телефонски центри во државните затвори во Оклахома, а за проектот биле ангажирани припаднички на женски затвор со минимална безбедност.
Иако американскиот устав забранува ропство, 13-от амандман дозволува затворениците да бидат присилени на работа како надомест за нивните дела. Дел од затвореничкиот труд е доброволен, дел е недоброволен и неговото неизвршување може да биде казнето. Според властите на Оклахома затворениците доброволно биле ангажирани и со работа во телефонските центри заработувале до 1,45 долари на час.
Претходно затворениците низ САД беа користени за пакување на Старбакс кафе, производство на долна облека, и гасење пожари во Калифорнија, каде беа платени по 1 долар на ден.