Откако рано наутро во саботата почна палестинската операција во Израел влегоа стотици палестински борци, над Израел беа истрелани над 5.000 ракети, убиени се најмалку 700 Израелци, а 2.000 се ранети.
Во целата операција киднапирани се над 100 израелски заложници, што е еден од најголемите пленови за Хамас, кој поучен од случајот со Гилад Шалит, израелски војник кој во 2011 по пет години заточеништво беше разменет за 1.000 палестински затвореници, „многу добро знае дека кога се во прашање израелски затвореници сè што треба е трпение.“
Прекарот на Деиф е „Гостин“, што е референца на праксата на палестинските борци секоја вечер да ја минуваат во домот на различен симпатизер како би го избегнале израелското разузнавање.
Деиф речиси загинува во израелски воздушен напад од пред 20 години, по кој наводно останува во инвалидска количка откако изгубил рака и нога. По саботната операција статусот на Деиф меѓу палестинскиот народ се издигнува на ниво на најголемите тамошни херои, притоа целосно засенувајќи ги конкурентите од Фатах.
Во интервју со тамошни аналитичари, вклучително и луѓе што го познавале командантот пред да почне да се крие, го опишуваат како тивок, напнат човек, кој е незаинтересиран за внатрешните ривалства на палестинските фракции. Наместо тоа, тој е фокусиран на промена на природата на израелско-арапскиот конфликт, користејќи насилство како средство за постигнување на целта.
Карактеристично за Деиф е што за цело време на својата борба против Израел тој еволуира паралелно со воениот технолошки напредок на Израел. Во 2021 за време на 11-дневната војна, Хамас лансираше огромен број ракети на Израел со цел да ја преплави тамошната ПВО, која за малку ќе останеше без муниција пред да се постигне примирје.
И за Деиф спогодбата од Осло, постигната кон крајот на 1990-те, претставува предавство на отпорот и првичната намера Израел да се замени со палестинска држава.
Деиф е роден во Кан Јунис бегалскиот камп во 1960-те, тој првично изработува бомби, а подоцна ја осмислува и децениската програма за копање мрежа од тунели под Газа.
Израел него го смета за одговорен за серија самоубиствени бомбашки напади во 1990-те во кои загинуваат десетици луѓе. Своето знаење за правење бомби го унапредува и учествува во создавањето на првите ракети на Хамас. Денес организацијата се верува дека поседува десетици илјади ракети, од кои само во саботата беа лансирани 3.500.
Во рамки на Хамас него го сметаат за „противник на комплицираниот танц во кој Хамас се согласува да престане со борбите во замена за тоа Израел да дозволи дополнителни средства да се влеат во Газа и да додели повеќе дозволи за работа на жителите на Газа“
„Оваа терористичка акција засекогаш стави крај на таа пракса. Сега нема да има примирје, само одмазда,“ изјавил во саботата израелски функционер.
Коментарот на Фајненшл тајмс на ова е „што изгледа е точно тоа што Деиф отсекогаш го посакуваше“.