Митот за вулканот што му пресуди на Ким Јонг-Нам

На 13 февруари во Куала Лумпур беше убиен постариот полубрат на Ким Јонг-Ун, од две жени од кои едната носи маичка натпис „LOL“. Според јужнокорејското разузнавање, атентатот е планиран од лидерот на Северна Кореја, кој инаку никогаш го нема сретнато својот полубрат.

Ова дебелкото доле што седи до Ким Јонг-Ил е Ким Јонг-Нам.

Иако Ким Јонг-Нам не покажува никаков интерес да владее што било, и наместо тоа тера лабав живот под заштита на Кинезите, сепак технички тој претставува една од главните закани ако некогаш се испланира соборување на актуелниот владетел Ким Јонг-Ун.

Ваквата закана има корени во севернокорејската митологија во која се испреплетени крвните линии, власта и една „магична планина“ во земјата.

Митот трга од вулканската планина Паекту, која се наоѓа на границата со Кина. Планината наводно е родното место на Дангун, човекот што го оформува првото корејско кралство. На овој мит се надоврзува Ким Ил-Сунг, дедото на сегашниот владетел и на погубениот полубрат, кој наводно со герилски напади изведени од подножјето на планината го одбранува корејскиот полуостров од нападите на Јапонците пред Втората светска војна. За да се осигури легитимитет на власта, официјалната приказна е дека претходниот владетел на Северна Кореја, таткото на Јонг-Ун и Јонг-Нам, Ким Јонг-Ил, е роден на Паекту (иако советските досиеја покажуваат дека тој е роден во СССР).

Од оваа легенда имаат корист и двајцата браќа, затоа што со тоа тие се „оверени“ како вистински наследници на власта во земјата. Во исто време тоа е и заканата што ја претставува Јонг-Нам, бидејќи и тој го влече истото право на владеење што доаѓа со крвна линија што потекнува од Паекту.

Ким Јонг-Ун на врвот на Паекту

Во целата приказна има уште еден наследник, Ким Јонг-Чул, постариот брат на сегашниот севернокорејски владетел, кој и покрај истите предиспозиции како сега веќе убиениот Ким Јонг-Нам, никој, барем за сега, не го доживува како закана, ниту пак се обидува да му наштети како било. Хронолошки, Јонг-Чул е пред Јонг-Ун на списокот на наследници, меѓутоа тој бил прескокнат затоа што татко му Јонг-Ил сметал дека тој е премногу женствен, што не било компатибилно со позицијата врховен лидер.

21 февруари 2017 - 10:21