На средбата Путин објаснува дека двете страни до детал договориле сè што треба околу примирјето, кое опфаќало трајна неутралност и безбедносни гаранции, вклучително и на која локација колку војници ќе има и со какво вооружување.
Плус, документите што ги покажува Путин тврди дека се лично потпишани од украинските преговарачи.
Според рускиот претседател, пролетта, во моментот кога руските сили како дел од примирјето се повлекле од опсадата на Киев, украинските власти го фрлиле договорот на отпад.
„Тие се откажаа од договорот. Кои се сега гаранциите дека нема да се откажат и од следни договори,“ прашува Путин.
Во август 2022, Фиона Хил и Анџела Стент во обемна анализа за магазинот Форин полиси, под наслов „Светот што Путин го посакува“, наведуваат сведоштво од повеќе поранешни високи американски функционери кои тврдат дека двете страни во април 2022 се согласиле за рамките на мировниот договор. Според авторките тогаш било договорено Русија да се врати на позициите од 23 февруари (контрола на делови од Донбас и цел Крим), а за возврат Украина да вети дека нема да бара членство во НАТО и ќе добие масовни безбедносни гаранции од повеќе држави.