Убиството на Сулејмани се случува само неколку дена откако демонстранти (дел наводно организирани од Иран) упаднаа во американската амбасада во Багдад во знак на протест против американските воздушни напади против Катаиб Хезболах, локална милиција која се бореше во сите војни во регионот по американската окупација на Ирак.
Сулејмани се приклучува на Гардата веднаш по иранската револуција во 1979. Тој сериозно напредува во кариерата како командант во војната меѓу Иран и Ирак од 1980 до 1988. Во 2011 ајатолахот Али Хаменеи го унапредува Сулејмани во генерал-мајор. Во текот на кариерата тој развива блиски врски со Курдите во Ирак, а подоцна му помага на Хезболах во Либан.
Во пракса Сулејмани управува со надворешната политика на Иран на Блискиот Исток. Кога мината година Башар ал-Асад го посетува Техеран, иранскиот министер за надворешни работи не е повикан на состанокот со Врховниот лидер, но затоа Сулејмани е присутен. Тој управува со голем број воени операции на Иран во борбата против ИСИС, додека истовремено работи на помагање на сојузничките влади во Ирак и Сирија. Кога во Ирак почнуваат анти-владините протести, Сулејмани е испратен во Багдад за да учествува во преговорите околу оставката на ирачкиот премиер. Тој има и директна улога во иранската политика за поддршка на власта на Асад.
Во јавноста славата на Сулејмани расте за време на војната против сунитските џихадисти од ИСИС. Тој редовно оди на фронтот во Ирак и Сирија, а во 2016 неговата слава достигнува до ниво на шпекулации дека тој може ќе се кандидира за претседател на Иран. Тој ги отфрла шпекулациите изјавувајќи дека се надева дека ќе остане војник до крајот на животот. Анкета од 2016 покажала дека 76% од Иранците се наклонети кон Сулејмани, половина од овие биле „многу наклонети“.
САД прв пат го укоруваат Сулејмани во 2007, кога воведуваат санкции против него, и ги прогласуваат Кудс силите за терористичка организација. Четири години подоцна тие ги дополнуваат санкциите против Сулејмани, а во април годинава Трамп ја прогласува целата Револуционерна гарда за терористичка организација. Како одговор на ова Иран ги прогласи сите американски сили на Блискиот исток за терористи.