UFC е бизнис вреден околу 500 милиони долари годишно. Иако тие сериозно добро се грижат за своите врвни ѕвезди (ликови како Лидел и Ортиз имаат заработено над 4 милиони долари во кариера) ниско рангираните борци заработуваат само по 10.000 долари од борба, а имаат право да се борат еднаш во шест месеци.
Во изминатиот период неколку добро познати борци на UFC се побунија против нееднаквоста на платите во спортот и побараа промена на системот на плаќање. Одговорот на првиот човек на UFC, Дана Вајт, е укинување на бонусите.
"Не ви се допаѓа структурата? Ок, ќе им платиме повеќе пари на пониско рангираните борци. Дојдете, ќе ги преговараме вашите договори и ќе ги тргнеме бонусите. Тоа мислам да го направам," објаснува Вајт, чија идеја е борците да станат вработени на UFC.
Во своја одбрана Вајт објаснува дека сите борци добиваат здравствено осигурување, сите борци се тестирани за дроги и допинг и дека лигата е регулирана во секоја сојузна држава во САД освен Њујорк.
Вајт заедно со својот партнер го купува UFC во 2001-ва за 2 милиони долари. Денес UFC се пренесува во 148 држави низ светот, а само со Фокс има договор на 7 години вреден 100 милиони долари.