Во неофицијален муабет по изборите, Бил Клинтон на група гласачи им кажува дека директорот на ФБИ, Џејмс Коми, е виновен за поразот на Хилари. Обвинувајќи го Коми, Бил објаснил дека Хилари имала предност од 7 поени пред директорот на ФБИ да го нареди и објави повторното отворање на истрагата околу мејловите на Хилари.
Мајкл Дали од Дејли бист објаснува:
„Бил Клинтон не додаде дека Коми се чувствувал обврзан јавно да ја отвори истрагата затоа што тој претходно се чувствувал обврзан јавно да го објави првичното затворање на истрагата.
А причината зошто Коми првичното затворање на истрагата го направи јавно е затоа што правилата стварно се однесуваат на секого.
Според едно правило, сопругот на лицето што е под кривична истрага не треба приватно да се сретне со претставници на законот што се директно одговорни за конкретната истрага, без разлика колку ќе биде наивен разговорот меѓу нив.
Меѓутоа ова не го спречи Бил Клинтон да прошета преку аеродромската писта и да сврти пријателски разговор со јавната обвинителка Лорета Линч кога нивните авиони се најдоа паркирани еден до друг на аеродромот во Феникс, на 27 јуни...
(Самата Линч за медиумите призна дека се виделе и дека разговарале, ама темите биле општи и чисто фамилијарни.)
...Информацијата за средбата секако го остави Коми во непосакувана ситуација. Тој во основа дојде до крајот на својата истрага. Вообичаениот протокол од него бараше да ги предаде доказите од Департманот за правда и да го остави обвинителот да донесе конечна одлука.
Она што не беше вообичаено е што главниот обвинител во случајот само што имаше средба со Бил Клинтон. А тоа што Линч сега ќе објави дека Хилари Клинтон е чиста по сите основи го доведува во прашање интегритетот на сите вклучени во истрагата, вклучувајќи ги Коми и ФБИ.
Доколку тој сакаше да си олесни на себе и да ѝ направи проблеми на Хилари, Коми можеше едноставно да каже дека има доволно претпоставени околности за да може да се започне со водење кривичен случај. За ова му беше доволно само да посочи на речиси две дузини тајни мејлови што минале преку нејзиниот сервер.
Меѓутоа по зборовите на поранешен ФБИ-агент, Коми 'е нешто како еднорог во Вашингтон; некој што всушност има етика'. И Коми доаѓа до заклучок дека иако однесувањето на Хилари е незамисливо невнимателно, во тоа недостасува намера за да може да се потврди кривичното обвинение.
Коми чувствуваше дека тој мора да ѝ ги претстави резултатите директно на јавноста заедно со објаснувањето со цел да се отфрли каква било сомнеж. Тој го направи токму тоа, притоа јасно нагласувајќи дека тој чувствува дека Хилари Клинтон била невнимателна и неодговорна, и дека ужасно расудила околу ситуацијата.
(Коми тогаш изјави дека и покрај невнимателното однесување на Хилари и прекршувањето на правилата, тие немаат најдено доказ што би бил основа за започнување кривичен случај.)
Она што Коми не можеше да го претпостави е дека Антони Винер ќе биде вмешан во уште еден секс-скандал... и дека овој пат тоа ќе вклучува 15-годишно девојче... и дека ФБИ-агентите ќе успеат да добијат налог за пребарување на компјутерот на поранешниот конгресмен... и дека на хард-дискот на компјутерот ќе има илјадници мејлови меѓу сопругата на Винер, Хума Амедин, и Хилари Клинтон испратени преку серверот на поранешниот државен секретар на САД.
Овие мејлови очигледно немаат ништо со секс-истрагата околу Винер. Ама постои можност дека тие се однесуваат на тогаш веќе затворената истрага околу Хилари Клинтон.
Коми тешко дека ќе можеше да ги игнорира овие мејлови, дури и да го сакаше тоа, а дефинитивно не го сакаше. Единствен начин на кој можеше да ги провери е ако повторно ја отвори истрагата против Хилари и да обезбеди налог за пребарување.
Во тоа време еден од проблемите на Коми е дека истите агенти што беа далеку од среќни што целата нивна работа околу Хилари беше поништена кога беше затворена истрагата во јули, речиси сигурно ќе беа вратени на случајот кога тој пак ќе се отвореше. И речиси гарантирано еден од овие агенти ќе ги известеше медиумите за повторното отворање на случајот. Без сомнеж ова ќе доведеше до гласини за прикривање докази во корист на Хилари Клинтон.
Коми очигледно се решил дека единствено му преостанува да објави дека истрагата повторно ќе биде отворена на ист начин на кој претходно објави дека се затвора.
Резултатот на ова е писмо во предвечерието на изборите за кое Бил Клинтон сега обвинува дека е виновно за поразот на неговата сопруга. Во право е што вели дека последователното писмо на Коми со кое се потврдува дека не се најдени никакви докази против Хилари, објавено на два дена пред изборите, доаѓа премногу доцна за да поправи каква било штета.
Меѓутоа она што Бил Клинтон не успева да го забележи е дека токму тој е човекот што го направи првото писмо - а со тоа и сите последователни - неопходно. Коми никогаш не би се чувствувал обврзан јавно да се обраќа доколку овој голем човек со голема грешка не решеше дека е над законот и дека треба да ја прејде пистата и да се сретне Линч...
...Таа (Хилари) настрада затоа што на прво место сметаше дека правилата не важат за неа (во однос на користењето на службениот меил). Таа можеби и ќе победеше доколку и нејзиниот сопруг не го имаше истото чувство.
И сега преку ликот на Доналд Трамп ќе добиеме лекција, досега без преседан, околу тоа што се случува кога правилата не важат за некого.“