Раскажувајќи ја "приказната на г-дин Буш, базирана на неговото книговодство" Њујорк Тајмс од финансиските податоци за кампањата (кои се постојано достапни уште за време на партиските избори) ги објавува следните бројки за трошењето на Џеб:
Позитивно рекламирање - 84 милиони долари
Откако заврши неговиот мандат како гувернер на Флорида, Буш речиси комплетно се повлекува од јавниот живот. Речиси и да не се штедеа пари на неговото враќање и повторно претставување пред републиканските гласачи. Луѓето од кампањата и финансиерите ги закупуваат најскапите термини и локации во обид да ја рашират пораката за Буш како "кредибилен" конзервативец.
"Искачање" - 94.100 долари
Буш првата половина од 2015-та ја потроши на собирање пари на локации како Њујорк, Чикаго, Тексас и Флорида. Неговата цел е да се соберат доволно пари за да се застрашат останатите кандидати. При ова, тимот на Буш троши десетици илјади долари на вечери и излегувања во најразлични ресторани и клубови (не ноќни клубови).
Паркинг - 15.800 долари
Затоа што донаторите не ги паркираат сами своите автомобили, за време на набиениот распоред на средби со финансиерите, кампањата на Буш прави значителна сметка за оваа услуга.
Луѓе - 8,3 милиони долари
Како што созрева кампањата на Буш, така тој успева да ја создаде најголемата организација на партиските избори. Логиката е дека големите трошоци за луѓе ќе бидат покриени од успешното собирање донации. Во меѓувреме гласачите се маѓепсани од реториката на Трамп, кој успева да ги порази своите противници со најосновна организација и милиони долари бесплатно медиумско влијание.
Брендирање - 88.387 долари
Парите за ова ги доби ПиАр компанијата 30 Point Strategies, за на крај да излезе дека единствената етикета што Буш ќе ја влече со себе му е од Трамп - "без енергија".
Вегас - 48.544 долари
Буш и луѓето од кампањата имаа патни трошоци од 3,3 милиони долари само за авионски карти, и уште стотици илјади долари за хотели. Она што Тајмс им забележува е честиот престој во Вегас во хотелите Белаџио, Вин и Венишн, во сопственост на Шелдон Аделсон, републиканскиот мегадонатор.
Консултанти - 10 милиони долари
Добро финансиран кандидат привлекува орди на најразлични консултанти, исто е и со Буш. Неговиот тим им плаќа консултантски хонорар на околу 140 различни консултантски компании и поединци.
Пица - 4.837 долари
Како што полека почнаа да се исцрпуваат фондовите, Буш сериозно ги намали платите на вработените и хонорарите за консултанти, а имаше и неколку отпуштања. Сепак, снабдувањето со пица останува безбедно до последниот ден.