Како беше убиен Џамал Кашоги

Саудискиот новинар е убиен и распарчен (буквално) во саудиската амбасада во Турција. Катарска Ал Џезира, врз основа на турски извори, прави видео реконструкција на убиството на Кашоги.

За видеото се користени транскрипти и времето од видео надзор, кои беа објавени од турската влада, а пренесени од Дејли Сабах.

Наводно, убиството е извршено во канцеларијата на амбасадорот, а Кашоги е задавен со пластична ќеса. Пренесувајќи дел од разговорот кој се случува таму (од ним познати извори), Ал Џезира тврди дека Кашоги прво прашал дали ќе го убијат, на што му биле дадени две опции. Кога ги одбил двете опции, петмина мажи го опколуваат, а еден од нив го задавува со пластична ќеса.

По ова, саудиски експерт за судска медицина го распарчува телото на делови и го пакува во црни вреќи.

Дејли Сабах објави и дел од разговорите меѓу двајца припадници на саудискиот тим: Мутреб, еден од убијците, и Ал-Тубаиги, експертот по судска медицина.

Мутреб наводно прашува „дали е возможно целото тело да се стави во вреќа“?

На што Ал-Тубаиги одговара: „Не. Премногу е тешко, премногу е висок. Имам работено на лешови, и знам како прецизно да ги исечам. Никогаш не сум работел на топло тело, ама и тоа лесно ќе го средам... Откако ќе го исечам на делови, ќе ги завиткаш во пластични вреќи, ќе ги ставиш во куфери и ќе го изнесеш од зградата.“

 

11 септември 2019 - 12:26