Израел е еден ама Палестини се две

Речиси 65 години по формирањето на израелската држава, Палестинците не можат да се поднесат со - другите Палестинци.

Сериозна студија на одделот за менаџирање кризи на Универзитетот Бен Гурион покажала дека Палестинците формирале две општества, кои прилично се разликуваат по суштински ставови и погледи.

Се работи за оние Палестинци кои живеат на израелска територија и оние кои се зад границата на Западниот Брег.

Првите, изралеските Арапи (ги викаат и 48-маши заради војната по која останаа на израелска територија), имаат малку разбирање за конфликтното расположение на своите сонародници од Западниот брег (67-маши, по 6 - дневната војна од таа година).

"Иако двете заедници себе се идентификуваат како Палестинци, 65 годишното живеење на различни страни на зелената линија креирало две различни општества. Секое од нив држи до својата кауза и емотивно и практично е подготвена да ја брани," се вели во објаснувањето на добиените наоди.

Разликите меѓу двете палестински заедници не се само политички туку во меѓувреме продреле и во суштински цивилни прашања. Така, дури 60 проценти од родителите кои живеат во Израел не би и дозволиле на своја ќерка да се омажи за Палестинец од другата страна. Обратно, процентот е помал (40%), но сепак е значаен.

Палестинците од 67-ма ги обвинуваат Палестнците од 48-ма за предавство затоа што и покрај војната решиле да останат на туѓа и непријателска територија додека овие враќаат со тоа дека тие - за разлика од некои што ги познаваат - не сакале лесно да се предадат, да избегаат и да ги напуштат своите вековни огништа.

5 септември 2012 - 12:25