Иран и Оман доставиле план за наплата на патарини

Иран и Оман веќе им доставиле на Соединетите Американски Држави предлог за администрирање на Ормускиот теснец, вклучително и заедничко собирање такси од бродовите што минуваат низ водниот пат. Теснецот се покажа како главен ирански адут против оние кои го нападнаа и го претворија Иран во сила која ефикасно може да му предизвика економска болка на целиот свет.

Официјално, Вашингтон и натаму верува дека ќе обезбеди целосно слободен проток на сообраќај низ теснецот (види Европа се помирила со неизбежните патарини во Ормускиот проток) иако и Њујорк Тајмс претходно објави дека Иран и Оман напредуваат со плановите за собирање транзитни такси од бродовите.

Оман ја омекнуваше позицијата па порачуваше дека тоа нема да бидат такси за да се наплатат претрпените воени штети туку своевидни еко - давачки или такси за покривање на трошоците за навигација. 

Сепак, иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Казем Гарибабади, инсистираше дека плаќањата ќе бидат задолжителни и се закани дека еднострано ќе наметне патарини ако Оман нејќе.

Трамп пак, директно му се закануваше на Оман со бомбардирање. 

Ормускиот теснец е меѓународен воден пат и пред Трамп да тргне по паметот на Нетанјаху и започне војна против Иран во кое им го уби верскиот лидер, добар дел од раководството и уништи огромен дел од нивната воена и друга инфраструктура, бродовите слободно пловеа, носејќи нафта и гас од Персискиот Залив до остатокот од светот.

Иран ефикасно ја блокираше таа важна точка за глобалната трговија, предизвикувајќи зголемување на цените на енергијата. Оттогаш, иранските претставници постојано ги објавуваат своите намери да го монетизираат теснецот. 

„Треба да се вратиме на онаа позиција на која теснецот функционираше пред конфликтот,“ изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.

4 јули 2026 - 08:58