Европа се помирила со неизбежните патарини во Ормускиот проток

Иако американските преговарачи сè уште инсистираат дека можат да обезбедат целосно слободен сообраќај на бродови низ Ормускиот проток, некои европски влади веќе се помириле дека нема враќање на ситуацијата од пред војната и дека ќе мораат да им плаќаат патарина на Иран и Оман. Тоа ќе биде претставено како „такса поради загадување“ и „услуги за навигација“.

Во сите изјави по потпишувањето на Меморандумот за разбирање со САД, иранските функционери го сметаат правото на регулирање на бродскиот сообраќај низ Ормускиот проток како затворено прашање.

Тоа е оставено за широко толкување во Точката 5 од Меморандумот, во која се истакнува: „Иран ќе води дијалог со Оман за да ја дефинира идната администрација и поморските услуги во Ормускиот Теснец, во разговор со другите крајбрежни држави од Персискиот Залив, во согласност со важечкото меѓународно право и суверените права на крајбрежните држави“.

Американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер поинаку ја толкуваат оваа точка и инсистираат дека ни Иран ни Оман не можат да наметнуваат никакви такси. Тие ја истакнуваат и загриженоста дека ќе се создаде преседан што ќе им овозможи и на други земји да наметнуваат давачки за премин на тесни морски протоци. Во тоа имаат поддршка и од арапските сојузници од регионот, чии економии зависат од извозот на нафта преку Ормускиот проток. 

Слободното и непречено поминување на меѓународниот превоз низ теснецот е прашање на меѓународното право, а не прашање на преговори, објави Бахреин.

Извори на Блумберг тврдат дека големи европски земји се помириле со ставот на Иран и Оман. Во една од ретките посети на Европа минатата недела, султанот на Оман, Хајтам бин Тарик, ги спомнал плановите за Ормускиот теснец на состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз. Двајцата лидери во заедничка декларација се обврзаа да промовираат „транзит без ограничувања“. Тоа не исклучува наплаќање такси.

Нема начин да се врати статусот од пред војната – им објаснил омански функционер пред една недела на европски дипломати.

Патарината ќе биде претставена како „такса за чистење на загадувањето“ и „трошоци за навигација“.

Европските земји единствено вршат притисок да не бидат дискриминирани бродови врз основа на развеаното знаме и сопственоста. Британија, Франција и други европски земји, исто така, се залагаат за формирање меѓународна поморска коалиција која ќе помогне во расчистувањето на мините, но нејзиното распоредување ќе зависи од напредокот на преговорите за траен мировен договор.

3 јули 2026 - 12:43