Илон би владите низ светот малку да се раздвојат меѓу себе

На сред нешто што се вика Самит на светска влада видео обраќање имаше Илон Маск, со порака дека светските елити, присутни или не на самитот, треба да олабават со идејата за светска влада.

„Мислам дека треба да го избегнеме цивилизацискиот ризик што доаѓа од тоа да имаме премногу соработка меѓу светските влади,“ им порача Илон на присутните во Дубаи.

Станува збор за годишен самит организиран од Емиратите, кој „е посветен на оформување на иднината на владите“ и се фокусира на технологијата за решавање на проблемите со кои се соочува човештвото.

Маск објасни како низ историјата човештвото секогаш успевало да продолжи и по најголемите цивилизациски крахови, само затоа што таму некаде далеку секогаш имало некоја друга цивилизација која паралелно се развивала:

„Во текот на целата човекова историја, цивилизации се издигнувале и пропаѓале, но тоа никогаш не значело пропаст на човештвото затоа што постоеле други одделни цивилизации одделени меѓу себе со огромна далечина.

Кога пропаѓаше Рим подем имаше Исламот, па на Калифатот му одеше неверојатно добро, додека Рим тонеше. И тоа на крај излезе дека е извор на зачувување на знаењето и голем број научни напредоци“.

Маск за секој случај им повтори на присутните дека треба малку да ги стишат амбициите околу меѓусебната поврзаност, нормално не со војна:

„Значи треба да бидеме претпазливи околу тоа да се претвориме во една цивилизација, бидејќи ако сме една таа целата може да пропадне.

Не велам дека треба да сме во војна, само дека треба да сме претпазливи од тоа премногу да соработуваме.“

Потребна ни е одредена цивилизациска разновидност за ако нешто тргне на лошо со еден дел од цивилизацијата да не дојде до крах на сè.

16 февруари 2023 - 10:50