Уште пред да стигне ПВО системот во Израел, Зеленски јавно запраша ако сојузниците можат заеднички да соборуваат ракети над небото на Блискиот исток, зошто се уште нема таква одлука за ракетите кои летаат над Украина.
Истото се случи и кога американските и британски проектили и воени авиони на 1-ви октомври помогнаа да се соборат стотици ирански проектили над Израел. Тогаш од украинското министерство за надворешни работи изјавија:
„Ги повикуваме украинските сојузници да го одбранат украинскиот воздушен простор со иста решителност и без двоумење, од руските ракетни и дрон напади, признавајќи дека животот е идентично скапоцен во секој дел од светот.“
Како што објаснува Политико, целата подвоеност на САД во храброста што ја покажува на Блискиот Исток и претпазливоста во Украина, се сведува на тоа што Русија има нуклеарно оружје, а Иран нема. Односно, САД може да го преземе ризикот за соборување на ирански проектили над Израел без страв дека тоа ќе доведе до директна војна со Техеран која би довела до нуклеарна војна.
Она што сега го добиваат Украинците е навремено предупредување од сојузници за придвижување на руските бомбардери, по што украинската страна го крева нивото на претпазливост и следење.
Во неколкуте ситуации кога руски дронови упаѓаат во соседните Полска и Романија, тамошната авијација веднаш испрати воени авиони да ги пресретнат, кои само ги следеа како ја напуштаат земјата без да ги соборат. Украинците бараат нивните соседи активно да интервенираат во ваква ситуација. Од Полска официјално одговорија дека нема да реагираат без комплетна поддршка на цела НАТО алијанса, која сега ја нема.
Надежта на Украина е дека соборувањето на проектили и дронови со тек на време ќе биде договорено исто како што беа договорени и тенкови, проектили и авиони.
Самите Украинци признаваат дека задачата на САД над Израел е полесна отколку над Украина, пред се заради големината на земјата. Освен површината, ситуацијата во Украина се комплицира и од тоа што западните морнарици не можат да пристапат до територијалните води на земјата од каде би можеле да бранат поголем дел од територијата.
Сето ова само е надополнето со историското партнерство меѓу Израел и САД, и уникатното место што Израел го зазема во американската политика и одбранбена стратегија.