Аиспуро прво нешто што кажува во разговорот со Лос Анџелес Тајмс е дека "сака да пренесе итна порака, дека животот на нејзиниот сопруг е во опасност." Таа стравува дека тој може и да не го преживее моменталниот престој во "Ел Алтиплано" затворот, каде уште од 8-ми јануари е во самица.
"Сакаат тој да плати за тоа што избега. Велат дека не го казнуваат, а секако дека го казнуваат. Цело време се таму со него, цело време го надгледуваат. По цел ден се таму, го прозиваат, не го оставаат да спие, нема никаква приватност, дури нема ни тоалет," објаснува Коронел, чиј страв исто така е и високиот притисок на сопругот.
Ел Чапо освен во Мексико има и неколку обвиненија што го чекаат во САД, меѓу кои и тоа дека ја предводел организацијата која од 2003-та до 2014-та во САД и остатокот од светот прошверцувала околу 820 тони кокаин.
За разлика од тоа што го тврдат властите, Коронел има сосема поинаков впечаток за Гузман, кој според неа е "прекрасен семеен човек" и покрај тоа што тој е или во затвор или во бегство во најголемиот дел од 8-те години брак.
"Тој е како и секој друг маж - секако дека не е насилен, ниту груб. Го немам чуено да каже лош збор. Ниту сум го видела да се вознемири или изнервира за нешто," појаснува поранешната мисица.
Коронел е трета сопруга на Ел Чапо, а нејзиното име се појави во медиумите во септември 2007-ма, кога мексиканскиот магазин Просеко ја објави веста за тинејџерката која на својот 18-ти роденден се омажи со 32 години постариот нарко-бос. Се претпоставува дека Гузман е татко на околу 19 деца, од кои две се со последната сопруга.
Инаку, нивната врска е класична "локална мисица запознава нарко-бос" љубовна приказна. Двајцата се среќаваат на забава на еден ранч, каде таа доаѓа со дечкото, а тој со девојката. За време на "игранката нивните погледи се спојуваат, па по некое време и приоѓа маж и и' кажува дека некој сака да игра со нејзе." Секако дека прифаќа, адетот било дека и да си дојдена со дечко, не било проблем да се танцува со друг. По кратката средба минуваат уште неколку месеци пред пак да се видат.
Шпекулацијата е дека Гузман платил и за нејзината победа на локалниот избор за Мис, верзијата на Коронел е дека таа чесно победила. Во времето кога двајцата почнуваат да се гледаат Гузман е во бегство, меѓутоа сепак успева често да ја посетува дома.
Според Коронел, таа не се заљубува во сегашниот сопруг заради пари или скапи подароци, туку: "тој ме освои со начинот на кој зборува, како ме третира, како почнавме да се согласуваме. Тој ги освојува луѓето со својата појава, со своето однесување и како генерално ги третира луѓето."
Една од верзиите за нивната врска е дека станува збор за обединување на силите на двете највлијателни фракции во Синалоа картелот, каде чичкото на невестата (сродството уште не е официјално потврдено), Игнасио Начо Коронел е еден од главните босови, на исто ниво со Ел Чапо. Полицијата го убива Начо во 2010-та. Според американските власти, и таткото на Ема е еден од главните дилери на Синалоа.
Повторно навраќајќи се на сопругот, таа објаснува дека немаат ни приближно пари како што тоа го тврди Форбс, и дека никогаш не го видела него со наркотици или оружје.
Според неа, најголемиот проблем на Гузман било "постојаното ширење на нарко-легендата за него и неговата беспомошност да ја контролира сопствената сторија."
Од јули 2015 до јануари 2016 таа има само две средби со сопругот и двете за тој да ги види своите ќерки. Кога на 8-ми јануари се појавува веста дека повторно е уапсен, Коронел веднаш се упатува во Ел Алтиплано затворот. Таму чека три дена пред да добие 15 минути со сопругот. Овој пат, стражарите не оставаат ништо на случајност.
"Тој е комплетно во окови, со лисици, и цело време стражарите стоеја до нас, некои од нив беа оддалечени само неколку сантиметри. Беа вооружени и со маски. Имаа шлемови со камера на нив и цело време снимаа," раскажува Коронел, која се присетува дека Ел Чапо ја испратил со "Не се грижи, сè ќе биде во ред."