Приказната околу судирот е спектакуларна и без политичкиот момент. Ферари 458 Спајдер (цена - околу 1 милион долари), со толкава брзина се удира во мост во Пекинг, што при ударот се преполовува.
Извештаите за жртви се контрадикторни, а се знае само дека во возилото имало две девојки и момче и дека судирот се случил во четири часот наутро. Веста инстантно се појавува во медиумите, и подеднакво брзо исчезнува.
Дури 5 месеци подоцна, викендов еден кинески весник објави дека возачот на Ферарито е 23-годишниот Линг Гу, син на Линг Џихуа, најблискиот соработник на кинескиот претседател во заминување Ху Џинтао.
Паралелно со ова, викендов излезе и веста дека Џихуа е сменет од неговата позиција, заради судирот и можното прикривање на целата работа. Од прв човек на претседателот, сега Џихуа е задолжен за организацијата која соработува со најразлични непартиски и прекуокеански организации. Самата сообраќајка и не е толкав проблем за Џихуа, колку прашањата од каде му пари на син на функционер на Комунистичката партија да купи Ферари и кои се патнците што биле со него, за кои се тврди дека биле од Тибет.
Промената на позицијата на Џихуа, доведе до дополнително компликување на транзицијата на власта од претседателот Ху Џинтао на неговиот најверојатен наследник Кси Џинпинг, кои сега треба да бараат негова замена за првата позиција на (вонредно важната) Главна канцеларија на Централниот комитет на кинеската комунистичка партија. Претходно работите се искомпликуваа и со смртната казна за сопругата на Бо Ксилаи, кој беше еден од клучните луѓе во власта на Џинтао.