Според сметководство на Фајзер, Израел има добиено 2,5 милиони дози од вакцината за кои се уште нема пуштено пари, и додека ова не се плати Фајзер нема да испорачува вакцини.
Фајзер е загрижен околу можноста владата во транзиција да не ја плати фактурата, па чисто превентивно презема мерки. Од Фајзер изјавуваат дека не им е јасно како е можно таква ситуација да се случи во организирана земја. Од компанијата изјавиле дека на Израел му ги имаат испорачано сите 10 милиони дози од првичниот договор за вакцини за ковид-19 од ноември 2020.
„Компанијата моментално работи со израелската влада за надополнување на договорот, со цел снабдување на дополнителни вакцини. Додека ова не се заврши, испораките ќе бидат адаптирани на ситуацијата,“ изјавуваат од Фајзер.
Израел целосно му ги има платено на Фајзер првите 10 милиони дози, меѓутоа кога почна да им снемува вакцини во февруари, премиерот на Израел успеа да постигне директен договор со ЦЕО-то на Фајзер за дополна на резервите.
По оваа основа (на договор од февруари) во Израел веќе пристигнаа дополнителни 2,5 милиони дози Фајзер вакцина.
Плаќањето на новодоговорените вакцини требаше да биде одобрено од израелската влада, која заради конфликт меѓу најголемите партии не одржа седница. Фајзер на американската влада вакцините и ги продава по цена од 20 долари за доза. По оваа цена, долгот на Израел кон Фајзер е околу 50 милиони долари.
Израел во неделата има 195 нови случаи на ковид-19 од 32.886 тестови. Исто така во неделата, во Македонија на 1.431 тестиран имало 301 нов случај на ковид-19.