ЕУ дебело им плаќа на медиумите за да ѝ ја промовираат агендата

Јавно декларирајќи борба против корупцијата, ЕУ тивко и обилно им плаќа на агенции и медиуми за да ги промовираат агендите на политичката елита во Брисел. Со близу 1 милијарда евра создала финансиска зависност кај медиумите, кои од егзистенцијален страв сами ги шират наративите. Дел од оваа мрежа се и проектите за „поддршка за слободата и плурализмот на медиумите“ во Западен Балкан.

Европската комисија управува со високо софистициран „медиумски комплекс“ преку кој може да ги обликува медиумските наративи за Унијата и нејзините агенди, се наведува во извештајот „Медиумската машина на Брисел: финансирање на европските медиуми и обликување на јавниот дискурс“ на Томас Фази од европскиот тинк-тенк MCC Брисел. 

Парите собрани од даночните обврзници со кои ЕУ ги корумпира медиумите се проценети на најмалку 80 милиони евра годишно. Во оваа сума не се вклучени индиректните финансирања, како договорите за рекламирање.

Само преку својата програма за новинарски партнерства, со кумулативен буџет кој до денес се приближува до 50 милиони евра, Европската комисија надгледува огромен екосистем на медиумски соработки на ЕУ. Со текот на годините, тие вклучуваа стотици проекти, почнувајќи од промотивни кампањи за ЕУ до сомнителни иницијативи за „истражувачко новинарство“ и сеопфатни напори „против лажни вести, се наведува во извештајот.

За рекламните кампањи финансирани преку програмата Информативни мерки за политиката на кохезија на ЕУ (IMREG), досега биле издвоени уште најмалку 40 милиони евра. 

Централна улога во овој систем имаат големите европски јавни радиодифузери. Проектите покажуваат дека не станува збор за еднократни соработки, туку за еволутивен однос помеѓу институциите на ЕУ и јавните медиумски мрежи.

Извештајот покажува дека Комисија преку финансирањето во својот џеб ги има сите во медиумскиот свет - од новински агенции и јавни радиодифузери до медиуми и организации. На списокот за плаќање се речиси сите новински агенции: Агенцијата Франс-Прес добила 7 милиони евра од ЕУ, АНСА (Италија) 5,6 милиони евра, Дојче пресе-агентур (Германија) 3,2 милиони евра, ЕФЕ (Шпанија) 2 милиони евра, Асошиејтед прес (АП) 1 милион евра, Луса (Португалија) 200.000 евра, Полската новинска агенција 500.000 евра и Атинската новинска агенција 600.000 евра.

Меѓу избраните новински куќи доминира паневропската Евроњуз, која добила 230 милиони евра, ARTE (Франција) добила 26 милиони, Euractiv 6 милиони, Gazeta Wyborcza (Полска) 105.000 евра, 444.hu (Унгарија) 1,1 милион евра, France TV (Франција) 400.000 евра, GEDI Gruppo Editoriale (Италија) 190.000 евра, ZDF (Германија) 500.000 евра и Bayerischer Rundfunk (Германија) 600.000 евра.

Од јавните радиодифузери Дојче веле добил 35 милиони евра, Франс Медиас Монде 16,5 милиони евра, Франс ТВ 1 милион евра, РАИ 2 милиони евра, РТБФ (Белгија) 675.000 евра, РТП (Португалија) 1,5 милион евра, Естонската јавна радиодифузија ЕРР 1 милион евра, РТВЕ (Шпанија) 770.000 евра и ТВ2 (Данска) 900.000 евра.

Значителни средства добиле и медиумските организации како Репортери без граници (5,7 милиони евра) и белгиската Journalismfund Europe (2,6 милиони). Холандската организација Белингкат која се претставува како независна добила 440.000 евра.

ЕУ спроведува и операција од големи размери за ширење на влијание надвор од своите граници, под бенигниот наратив за „поддршка за слободата и плурализмот на медиумите“. Овие проекти се фокусирани на медиумите во Западен Балкан, Украина, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија, Русија и Белорусија. Под параван на „борба против дезинформации“, „промовирање европски вредности“ и „градење европска јавна сфера“, системот создава финансиска зависност, поттикнува наративна конформност и екосистем во кој се маргинализираат гласовите на несогласување.

Степенот на институционална заплетканост помеѓу телата на ЕУ и главните медиумски актери не може да се отфрли како безопасен или случајен. Тоа претставува системски конфликт на интереси што ја компромитира способноста на медиумите да функционираат како независен столб на демократијата. Дури и без директно уредничко мешање, структурната зависност од грантовите и договорите на ЕУ е доволна за да има ефект на застрашување врз критичкото известување и да поттикне рефлексивно усогласување со официјалните ставови на ЕУ, се заклучува во извештајот.

16 септември 2025 - 13:17