Дипфејк Путин го кажа своето

„Америка, ме обвинувате за мешање во вашата демократија, но јас не морам да го правам тоа, вие го правите тоа за мене,“ е текстот што е одбран за Путин во предупредувачкото дипфејк видео чија порака е дека странските сили немаат потреба да се мешаат во изборите на земјата, бидејќи самите Американци ќе ја уништат сопствената демократија.

Видеото со Путин, и уште едно идентично со Ким Џонг-Ун, се по нарачка на РепрезентУС, непартиската група за заштита на гласачките права на претстојните претседателски избори во САД, која е посебно вознемирена по последните најави на Трамп дека ќе одбие мирољубиво предавање на власта.

Целта на рекламите кои денес треба да се емитуваат на американските медиуми е да се шокираат Американците „за да ја разберат фрагилноста на демократијата и да се испровоцираат да преземат нешто, па макар и проверка дали ги има на гласачки списоци“.

За видеата се ангажирани двајца актери со приближни физички карактеристики и акцент како Путин и Ким Џонг-Ун. Нивните снимки потоа се дадени на „дипфејк артисти“ кои на видеата треба што е можно поверно да ги залепат ликовите на двајцата лидери. На крај сите ситници се испеглани во пост-продукција.

Целиот просец трае 10 дена, нивната процена е истото ова да се направи со ЦГИ ќе бидат потребни неколку месеци и ќе биде неспоредливо поскапо.

Рекламите, меѓу другите, треба да одат на Фокс, Си-ен-ен и Ем-ес-ен-би-си.

Видеата завршуваат со пораката „Оваа снимка не е вистинита, но заканата е.“


29 септември 2020 - 16:08