Карло Календа е поранешен министер на ЕУ за економски развој, и италијански политичар кој минатата година се кандидираше на парламентарните избори со слоганот „Ние сме Европејци“. Денес Календа речиси и да не верува во своите зборови од пред една година.
„Ова е егзистенцијална закана, не сум сигурен дека ќе успееме.
Треба да сфатиш дека мојата партија е една од нај про-Европските партии во Италија и сега и моите членови ми пишуваат ’Зошто да сакаме да останеме во ЕУ? Бескорисна е.’
Во Италија се случува масовна промена. Имаш илјадници про- Европејци кои се откажуваат од својата позиција,“ објаснува Календа во интервју за Фајненшл тајмс.
Во Италија ова е најголемата криза со најголем број на жртви што и се има случено на земјата по завршувањето на Втората светска војна (над 15.000 починати), додека економијата е на пат да ја доживее најдлабоката рецесија во својата модерна историја.
Минатиот месец и 78-годишниот италијански претседател Серџо Матарела, еден од про-европските столбови во италијанскиот систем, порача дека иднината на Европа е во прашање ако нејзините институции не покажат солидарност кон нивната држава.
Ваквата драматичност на Италијанците ја потврдува и Доналд Туск, според кого денешната ситуација во Италија е многу позагрижувачка отколку за време на евро кризата - и политички и економски.
Гневот на Италијанците, а и на остатокот од јужното ЕУ, е заради тромавоста и задоцнетата реакција на Унијата кон нивното страдање. Иако ЕУ одобри пакети за помош, тоа се случи во време кога Италија веќе беше избезумена со по 600, 700 смртни случаи на ден. Самиот Туск признава дека иако помошта на ЕУ е многу посуштинска од онаа од Кина и од Русија, перцепцијата останува дека Унијата не помогнала кога било најтешко.
Додека на италијанскиот и шпанскиот фронт против коронавирусот жртвите и понатаму се бројат во неколку стотици на ден, на ЕУ фронтот околу финансиската помош повторно има судир меѓу оние што штедат и се педантни околу финансиите (Германија и слични) и оние на кои им требаат пари (Италија и слични).
Последниот дуел е дали еврозоната треба масовно да почне со продажба на обврзници за финансирање на економската обнова, или треба да се користат средствата од Европскиот механизам за стабилност.
Италијанците жолчно ја застапуваат првата опција главно заради страв дека парите што ќе ги добијат преку механизмот за стабилност ќе дојдат со тешки услови за враќање и ќе и направат проблем на државата. Како што објаснуваат од ФТ „чувството кај многумина е дека нивната земја е казнета за катастрофа која никако не била под нивна контрола.“
Во март девет членки на ЕУ, предводени од Франција, Италија и Шпанија, потпишаа заедничко писмо во кое бараа коронаобврзници, со кои ќе се платат напорите за воскреснување на економиите. Коронаобврзниците се замислени како заеднички долг на сите ЕУ држави вклучително и богати земји како Германија.
Кон крајот на март на видео-конференцијата на ЕУ лидерите Италија и нејзините сојузници извршија сериозен притисок за остварување на идејата за коронаобврзници. Во ЕУ манир ова не беше ниту прифатено, ниту одбиено, туку на крај лидерите се согласија околу една општа изјава и дека ова ќе се решава на средбата на министри за финансии на ЕУ закажана за утре.
Ваквото примирје меѓу Италија и богатите траеше кратко и беше прекинато токму од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Леен, која во интервју со потценувачки тон се осврна предлогот нарекувајќи ги коронаобврзниците „слоган“ и давајќи поддршка на позицијата на Германија. Освен од „премиерката на ЕУ“, во спротивставувањето на коронаобврзниците Германија доби поддршка и од Холандија.
Календа минатата недела закупи реклама на цела страна во германскиот дневен весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, каде во писмо потпишано од него и од други левичарски градоначалници и гувернери од Италија, ја нападна холандската позиција како „пример за немање етика и солидарност“. Притоа Календа не заборави да ја нарече Холандија даночен рај (заради сите финансиски дупки кои им ги овозможува на глобалните корпорации и криминалци за да кријат пари и избегнуваат данок), а Германците ги потсети како европските држави вклучително и Италија на времето биле солидарни и одлучиле на земјата да и ги простат долговите на Нацистите од Втората светска војна.
„Германија никогаш немаше да може да ги плати. Вашето место е со европските институции, со вредности како слобода и солидарност, а не следење на ситен национален егоизам,“ се порачува во писмото.
Реакцијата на Германците на ваквиот апел и обраќање е едно големо фак ју за сардисаните Италијанци.
„Не треба да користат вака емоционални аргументи.
Секоја држава треба да се запраша себе си дали сноси одговорност за ситуацијата во која се наоѓа.
Погледнете го италијанскиот здравствен систем. Не може на тебе Европа и Германија да ти се виновни за сè.
Како германски политичар, сметам дека тоа не е фер,“ изјавил пратеникот од партијата на Меркел, Екхарт Реберг.
Запрашана од ФТ за целата ситуација и дуелот околу начинот на кој треба да и се помогне на Италија, лидерката на крајно десната партија Браќа на Италија, Џорџија Мелони изјавува:
„Додека ние броиме мртви, тие бројат колкав е ризикот да изгубат пари од нивните обврзници.“
Инаку и за време на финансиската криза Италија бараше пуштање еврообврзници за спас на јужниот дел од Европа. Тогаш Меркел изјави „додека јас сум жива“ тоа нема да се случи.