Она што го водат како „закана од Иран“, шиитски милиции во Сирија и Ирак финансирани од Иран, САД го искористија за забрзано распоредувањето на носач на авиони и останата екипа во Заливот.
Во ваква ситуација британскиот генерал-мајор Кристофер Гика, вториот човек на ОИР (Operation Inherent Resolve) во Сирија, постојано е распрашуван од новинарите околу заканите за кои зборуваат САД.
„Не, во Ирак и Сирија нема зголемена закана од сили поддржани од Иран.
Секако свесни сме за нивното присуство. И ги мониторираме заедно со голем број други затоа што тоа е околината во која се наоѓаме. Ние ги следиме шиитските воени групации. И ако нивото на закана се зголеми тогаш ние соодветно ќе ги зголемиме нашите мерки за заштита,“ одговара британскиот генерал.
Веднаш по ова, американската централна команда ја отфрла проценката на генерал Гика со, како што Гардијан го проценува, „исклучиво нетипичен укор за висок сојузнички офицер.“ Портпаролот инсистира дека нивните војници во Ирак и Сирија се на зголемено ниво на подготвеност заради заканата од Иран.
„Неодамнешните коментари од заменикот командант на ОИР беа спротивни на кредибилните закани идентификувани од американското и сојузничкото разузнавање во однос на силите во регионот поддржани од Иран,“ се порачува во соопштението на Централната команда на САД.
Гардијан забележува дека ваквото прекорување е посебно воочливо затоа што излегува дека Гика не е свесен за состојбата на подготвеност на своите трупи и заканите кон нив.
„Коментарите само ја зголемија загриженоста од измислени или претерани разузнавачки извештаи кои може да бидат искористени од луѓе во американската администрација предводени од советникот за национална безбедност, Џон Болтон, за надополнување на аргументите за војна против Иран, на начин кој неодоливо потсетува на билдањето на атмосферата пред инвазијата на Ирак,“ пишува Џулијан Боргер во Гардијан.