Азовци предадени од украински предавници?

Под наслов „Сопругите на Азов: Нашите сопрузи беа предадени од украински предавници“ британски Телеграф го пренесува сведочењето на жените чии мажи се бореа во опколената челичарница во Мариопул.

25-годишната Хана Науменко ја пренесува преписката што неколку дена пред капитулацијата на бранителите ја има со својот 29-годишен вереник:

„Напиша дека им има останато само малку ориз, и дека пробуваат да направат некакво брашно.“

Друга сопруга, раскажува дека последен пат кога зборувала со својот 30-годишен сопруг тој и рекол дека „јадел само еднаш и добил само една чаша техничка вода“.

„Немаат храна, немаат вода. Тој е истоштен, едвај зборува,“ изјавила Катерина Прокопенко.

Сопругот на трета од четирите жени веќе некое време е ранет, а последен пат кога разговараат тој и рекол дека веќе немаат лекарства, па „раните почнуваат се повеќе и повеќе да скапуваат“. Нејзиниот сопруг го преживеал ранувањето но деновите ги минува без никакви апчиња за болка.

Објаснувајќи го потеклото на баталјонот Азов, Телеграф пишува дека иако во неговите почетоци тој е ултранационалистичка паравоена формација, со тек на време истиот е регулиран и претопен во украинската армија.

Зборувајќи дека за разлика од остатокот од земјата, војната за баталјонот Азов трае веќе 8 години (од отцепувањето на Крим), Јулија Федосиук инсистира дека ова што се случува по 24 февруари е само ескалација на постојната војна.

За нив во најмала рака останатите Украинци се виновни дека се помириле со ситуацијата, а дел од своите сограѓани ги обвинуваат за најдиректно предавство.

„Азов беа подготвени дека ќе бидат опколени но се надеваат дека вооружените сили во градовите во близина на Мариопул ќе издржат. Тоа не се случи.

Тие дури дозволија руската армија да ги освои градовите околу Мариопул,“ изјавува Јулија.

Таа како предавник го наведува командантот на украинската 36-та морнаричка бригада во Мариопуљ, Володимир Баранјук, дека имал „блиски контакти со Русите“. Според медиумските извештаи Баранјук на почетокот од април се обидел да ја разбие опсадата, но Јулија тврди дека тој „излегол предавник и им се предал на руските сили кога маринците се уште имале оружје за борба.“

Групата од четири сопруги беа на „турнеја“ низ Европа, на која се сретнаа и со Папата, во обид да привлечат внимание и помош за нивните сопрузи заедно со останатите борци да бидат евакуирани од Азовстал.

Во време на интервјуто сопругите тврдеа дека секој член на Азов ќе се бори до смрт, бидејќи секако ќе биде убиен ако им се предаде на Русите.

Ноќеска 260 украински борци во челичарницата се предадоа на руските сили.

********

Види и:

Невестите од Азовстал