„Социјалната заштита во САД не е на задоволително ниво. Пукање, грабежи и кражби често се случуваат.
Внимавајте на сомнителни луѓе околу вас и избегнувајте сами да излегувате навечер,“ стои во советите од кинеската амбасада во САД.
Дополнителна препорака од амбасадата е туристите да избегнуваат каква било конфронтација со органите на редот, посебно со оние на граница, бидејќи „расправање со нив нема да ви помогне, туку само може да ги влоши работите.“ Друго предупредување е дека на полицијата и слични органи не им е потребен налог за да ги претресуваат странците кои сакаат да влезат во САД, вклучително нивниот багаж, возилата и електронските уреди. Во 2016 американските цариници имаат прегледано 23.000 електронски уреди на лица кои влегуваат во САД.
Во однос на финансиските предупредувања, освен тоа да припазат какво здравствено осигурување имаат додека се во САД, на туристите им е нагласено дека ниту еден претставник на амбасадата под никакви услови не би прашал за информации за банкарската сметка на туристот или по телефон да побара да префрлат пари на друга сметка. Ова последното е една од новите телефонски измами што им се случуваат на голем број кинески туристи низ светот.
Минатата година над 3 милиони Кинези го посетуваат САД како туристи, а до 2022 овој број се очекува да порасне на 4,5 милиони. Моментално туристите од Кина се 5-ти по бројност во САД, по Канада, Мексико, Британија и Јапонија.